ВЕНЕЦУЕЛА

Прекин на дипломатските односи со САД

24.01.2019 14:29

Каракас и Вашингтон во дипломатски спор по самопрогласувањето на опозицискиот лидер Гуаидо за легитимен лидер на Венецуела... Мандатот е признат и од ЕУ и организацијата на американски држави.... Турција и Русија со поддршка за Мадуро.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро со ултиматум до Соединетите Американски Држави откако Вашингтон го призна опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен шеф на земјата. Каракас им даде 72 часа на САД да ги повлечат сите дипломати. Драматичната ескалација на ситуацијата следува по обидите на Трамп да го зголеми притисокот врз социјалистичката влада на Мадуро, обвинувајќи ја за злоупотреба на човековите права, трговија со дрога и друг криминал. Вашингтон веќе стави на црната листа 70 луѓе од Венецуела, а воведе и санкции за дел од извозните индустрии. 

Николас Мадуро • Претседател на Венецуела

Доста ни е од мешање! Овде постои достоинство! Луѓето се подготвени да ја бранат земјата. Империјалиститите во САД водат операција, преку државен удар, да наметнат влада која им одговара на интересите во Боливарска Република Венецуела.

Турција и Русија со охрабрувачки зборови за Мадуро, а Европската Унија и Организацијата на американски држави го честитаа мандатот на Гуаидо. Венецуелците кои емигрирале од татковината, во Перу организираа собири за негова поддршка.

Тој не е сам, иако сме ние во Перу, стотици километри од него. Со него сме зашто има храброст да му се спротивстави на режимот на Мадуро и да си ја одбрани земјата.

Гуаидо е нашиот претседател со желба да ги смени нештата. Не е главно тоа што  е претседател, туку што ние ја менуваме политичката историја на земјава, поддржувајќи ја надежта на милиони луѓе во Венецуела и во светот за своја земја, слобода и просперитет.

Мадуро дојде на власт во 2013 година, а вториот мандат го доби лани на изборите кои беа бојкотирани од опозицијата. Изборните резултати не беа признаени од повеќе западно-демократски земји поради тврдењата за фалсификување на гласовите. Протестите во земјата се засилија откако на улица излегуваат и следбениците и противниците на Мадуро. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повикува за дијалог за да се избегнат натамошни судири во Венецуела.