ВЕНЕЦУЕЛА

Гуаидо на состаноци со војската

31.01.2019 15:57

Самопрогласениот привремен претседател на Венецуела повика на протести против Мадуро. Од војската очекува поддршка за својот легитимитет. Повеќето држави од западната хемисфера сметаат дека е време да се смени социјалиситичкиот лидер. Во протестите загинаа десетици луѓе. Стотици се уапсени, меѓу кои и деца.

Привремениот шеф на Венецуела Хуан Гуаидо на тајни сотаноци со војската за да ја придобие нивната поддршка во битката со претседателот Николас Мадуро. Неговиот легитимитет е признаен од САД, ЕУ и неколку јужноамерикански држави. Дипломатската војна со Вашингтон резултираше со серија санкции.

Карлос Векио - американски претставник за Венецуела

Потребна ни е поддршка за окончување на диктатурата во Венецуела. Мора да воведеме преодна влада за да се врати демократијата. Мора да свикаме нови избори што е можно поскоро за да избереме нов претседател. Ова е моментот кога треба да извршиме притисок заедно со меѓународната заедница. Венецуела е подготвена за промена, но не може сама.

Марко Рубио - сенатор на САД

Време е да се врати уставниот поредок, а единственото парче кое недостига се мажите во униформи, кои се заколнаа дека ќе го почитуваат Уставот на таа земја, а дозволија да пропадне и узурпатор да дојде на власт. Веројатно ќе сфатат дека овие луѓе се нивниот народ и дека граѓаните сметаат на нивната заштита.

Во меѓувреме, соседна Колумбија, којашто прими илјадници Венецуелци кои бегаа од сиромаштија и угнетување, им забрани влез во државата на над 200 службеници поврзани со владата на Мадуро. Социјалистичкиот лидер, којшто има поддршка од Русија, Кина и Турција, не се откажува од вториот мандат и покрај обвинувањата за измама на последните избори, и за економската криза поради која се иселија милиони луѓе.

Марија Закарова • портпарол на руското МНР

Пакетот - мерки на САД е нов елемент од планот на Белата куќа за спроведување на државен удар во Венецуела. Последиците ќе опфатат поширока територија од границите на таа земја. Меѓународата заедница мора да ги анализира можните влијанија од санкциите.

Иако со различен став за ова прашање, лидерите на Мексико и Шпанија очекуваат дијалог за решавање на кризата. Кабинетот на Мексико е критикуван поради непризнавањето на Гуаидо. Официјален Мадрид им се придржи на Франција, Британија и Германија кои ќе го признаат привремениот претседател доколку Мадуро не распише нови избори.

Андрес Мануел Лопез Обрадор - претседател на МексикоОд геополитички причини, не сакаме изолирани и странски влади да интервенираат во прашања кои се само за Мексиканците. Поради тоа мора да сме внимателни и да не се мешаме во туѓите проблеми.

Педро Санчез • премиер на Шпанија

Владата на Шпанија не сака да носи или отстранува влади, туку сака демократски, праведни и транспарентни избори за општеството во Венецуела да најде излез од кризата која трае со години. 

Кризата во Венецуела почна по контроверзните избори на кои Мадуро освои втор мандат. Во процесот им беше забрането учество на многу опозициски кандидати. Дел од нив завршија и в затвор. Оттогаш почнаа антивладаините протести во кои имаше и жртви.