Нов механизам за трговија со Иран
Три членки на Европската Унија основаа нов механизам за трговија со Иран со кој се заобиколуваат американските санкции кон Техеран. Стејт Департментот внимателно го следи развојот на моделот кој ќе биде управуван од Париз, Берлин и Лондон.

Германија, Франција и Британија ги здружија силите и формираа сопствен трговски канал со Иран со што се заобиколуваат американските санкции за оваа земја. Тројцата потписници од Договорот од 2015 година со месеци работеа на воспоставување мерка со којa нема да биде прекината трговијата меѓу Европа и Иран откако САД се повлече од нуклеарната спогодба во мај. Инструментот за поддршка на трговските размени „ИНСТЕКС“ беше претставен на средбата на министри за одбрана во Букурешт. Моделот ќе се користи исклучиво за продажба на храна, лекови и медицинска опрема, но постои можност од проширување на палетата производи. Седиштето на ад хок телото ќе биде во Париз, а со моделот ќе раководи германски банкарски експерт. Надзорен одбор ќе оперира од Обединетото Кралство.
Хајко Мас - министер за надворешни работи на Германија
Баравме начин за да го постигнеме овој договор бидејќи сме убедени дека им служи на нашите стратегиски безбедносни интереси во Европа. Не сакаме Иран да излезе од Договорот и да се врати на програмата за збогатување на ураниум.
Жан ив ле Дриан - министер за надворешни работи на Франција
Основавме трговски механизам за заобиколување на санкциите за Иран, со седиште во Париз. Ова е политички акт. Ова е потег за заштита на европските компании.
Џереми Хант - министер за надворешни работи на Велика Британија
Ова е јасна и практична демонстрација за нашата посветеност во историскиот договор од 2015 година склучен со Иран. Регистрацијата е голем чекор, но ни претстои многу работа. Групата „Е-три“ сега се фокусира на техничките и законските аспекти.
Иранскиот нуклеарен договор ја ограничува програмата на Техеран за развој на нуклеарно оружје во замена за намалување на санкциите. Спогодбата од ерата на поранешниот американски претседател Обама беше раскината во мај лани откако актуелниот шеф на белата куќа Трамп реши да се повлече од неа, што ги разочара партнерите од Брисел.
