САД

Начелен договор за избегнување на нова блокада

12.02.2019 14:26

Претставниците во американскиот конгрес успеаја да постигнат делумен договор за новата пресметка за финансирање на граничната безбедност. Спогодбата покрива само мал дел од бараниот фонд од претседателот Трамп за ѕидот со Мексико. Неколку погранични сојузни држави почнаа да ги повлекуваат своите трупи од границата. Гувернерот на Калифорнија тврди- кризата е измислена, нема да бидеме дел од политичкиот театар.

По неуспешните преговори за време на викендот, Демократите и Републиканците во Капитол хил постигнаа начелен договор за граничната безбедност на САД со што   продолжува финансирањето на Владата и се избегнува нова блокада на нејзините агенции. Демократите, кои го контролираат Претставничкиот дом, се согласија да обезбедат само 1,37 милијарди долари за граничниот ѕид со Мексико, што е далеку помалку од сумата од 5,7 милијарди  што ја очекува претседателот Доналд Трамп. Во новата спогодба не се споменува бетонска бариера, туку челична ограда. За неа се очекува одобрение од Конгресот и потпис од челникот на Белата куќа. За напредокот на преговарачите во Вашингтон, претседателот Трамп дозна за време на собир во Ел Пасо, Тексас, каде што објаснуваше како ѕидот би помогнал во борбата против криминалците, дрогата и масовните мигрантски карвани.

Доналд Трамп - претседател на САД

,,Во секој случај, ние ќе го градиме ѕидот. Зборував со луѓе кои долго време се овде. Велат дека кога добиле ѕид, се сменила играта. Ќе ви дадам и друг пример и не ми е гајле дали градоначалникот е републиканец или демократ, сите тие тресат глупости кога велат дека нема разлика. “
 

Откако ги критикуваше медиумите, негов поддржувач скокна во новинарската ложа и турна неколку репортери и камери. Во исто време, во Ел Пасо орагнизираа протестен марш и противниците на идејата за бариера.

Иако Трамп очекуваше поддршка од пограничните сојузни држави, Ново Мексико, а сега и Калифорнија, почнаа да ги повлекуваат своите припадници во Националната гарда коишто беа распоредени на границата.

Гевин Њусом - гувернер на Калифорнија

Целото прашање за границата е вештачки создадено. Кризата е измислена. И ние не сме заинтересирани да учествуваме во овој политички театар. Ова е чиста политика, дефокусирање, губење на времето.


Несогласувањата меѓу Белата куќа и Претставничкиот дом резултираа со рекордна 35-дневна блокада којашто ја чинеше американската економија 11 милијарди долари.