ЛОНДОН

Премиерката Меј пред парламентот за Брегзит

13.02.2019 14:25

Продолжуваат разговорите за Брегзит во Вестминстер. Британската премиерка не ја прифаќа идејата за царинската унија предложена од лабуристите. Тврди - Лондон мора сам да склучува посебни трговски договори по Брегзит. Брисел и натаму со цврст став. Нема да отвориме нови преговори, потенцира главниот преговарач на ЕУ, Барние.

Премиерката на Обединетото Кралство Тереза Меј и пратениците во британскиот парламент продолжуваат со седниците за Брегзит. Процесот за надминување на разликите за неколку суштински прашања оди бавно, но премиерката и натаму верува дека наскоро ќе биде постигнат конечен договор за излезот од Европската унија, што ќе биде поддржан од парламентарците, и со што Лондон подготвено и организирано ќе се раздели од Брисел на 29 март.

Едно од главните спорни прашања останува ирската граница. Царинската унија предложена од лидерот на Лабуристите Џереми Корбин, не е солидно решение за Меј којашто е убедена дека Велика Британија мора сама да склучува трговски договори по Брегзит.

Тереза Меј - премиерка на Обединетото Кралство

Во секој случај, членството во царинската унија е помалку посакуван исход од оној во политичката декларација. Со него нема тарифи, трошоци, провизија, квантитативни рестрикции во сите сектори, нема ни проверки за правилата за потекло, но најважно од сѐ, ќе помогне во создавањето независна трговска политика за Обединетото Кралство.

 

Џереми Корбин - лидер на партијата на лабуристите

Премиерката си поигрува со времето и работата на народот, економската стабилност и со иднината на нашите индустрии. Стапката на раст е најниска од 2012 година. Но производствениот сектор е во рецесија. Одлуката на Нисан да си ја повлече инвестицијата од фабриката на југот е само мал дел од колапсот што следува.


Првичната верзија на договорот беше отфрлена од мнозинството пратеници, најмногу поради планот „бекстоп“ - заштитен механизам со кој се избегнува враќање на граничните контроли меѓу Ирска, членка на ЕУ, и Северна Ирска која во рамките на Обединетото Кралство ќе го напушти Европскиот сојуз. Меј тврди дека може да добие законски обврзувачка измена за механизмот. И покрај настојувањето, тимот од Брисел не е расположен за нова рунда преговори.

 

Мишел Барние - преговарач за Брегзит од ЕУ

Ако нема граница, сите производи кои доаѓаат на територијата на Ирска, доаѓаат автоматски и во Луксембург, Франција, и во Полска. По автоматизам! Ова значи дека нема да има контрола, а тоа е невозможно.

Според ЕУ, Северна Ирска останува обврзана на царинските правила од блокот, дури и ако Обединетото Кралство воведе сопствен режим по Брегзит. Доколку не биде постигнат договор за слободна трговија или друг билатерален пакт, двете страни ќе се соочат со несаканото сценарио - Брегзит без договор.