Конгресот усвои компромисна финансиска мерка
Конгресот усвои компромисно решение за буџетот наменет за изградба на граничниот ѕид со Мексико... Одобрената сума е помала од очекуваната од претседателот Tрамп така што спас за својот проект ќе бара во прогласување на вонредна состојба на јужната граница... Со мерката добива овластување да пренасочува средства од фондови наменети за други цели… Во јануари Трамп потпиша краткорочен план за финансирање до 15 февруари за да запре рекордната блокада на владата...

По Сенатот, и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја одобри компромисната финансиска мерка која обезбедува средства за да се спречи ново делумно исклучување на владата без да се обезбедат пари што претседателот Доналд Трамп ги побара за ѕидот на границата меѓу САД и Мексико. Белата куќа најави дека по потпишувањето на законот, тој веднаш ќе прогласи национална вонредна состојба за да може да префрли пари од фондови наменети за други потреби за да успее со реализзацијата на проектот. Согласност е постигната за сума од речиси 1,4 милијарди долари, што е далеку помалку од очекуваните 5,7 милијарди.
Ненси Пелоси - претседател на Претставничкиот дом
300 гласа во Домот, одличен резултат, ви благодарам што ги заштитивте грниците, што ги почитувате вредностите, што ја оставивте владата да работи и што ја зацврстивте позицијата на институцијата на којашто и служиме, Конгресот на САД.
Демократите во Конгресот и натаму тврдат дека нема потреба од прогласување на таква мерка.
Деби Васерман - конгресменка од Демократите
Овој незаконски маневар во Конгресот е кукавички потег на лаги и дефокусирање. Претседателот би крадел фондови што ги користиме за поддршка на нашите храбри војници само за да плати непотребен антички споменик. Наместо да ја признае лагата дека Мексико ќе го плати, тој попрво ќе ја загрози националната безбедност, обидувајќи се да се искраде до својот тотем на суетноста и омразата.
За Републиканците, претседателот оправдано ја користи секоја алатка за да се справи со проблемот.
Кеј Гренгер - конгресменка на Републиканците
Претседателот има право. Имаме одговорност да се обединиме и да го прифатиме она за што велат граничните експерти дека им е потербно во борбата против безбедносната и хуманитарната криза. Иако овој документ нема сѐ што сакав да видам, тој ќе им ги обезбеди потребните инструменти на Царинската и гранична патрола и на царинските агенти во борбата против заканата со која се соочуваме.
Вонредна состојба се прогласува во национална криза. Претседателот Трамп тврди дека постои мигрантска криза на јужната граница, спротивно на мислењето на миграциските експерти. Најголемиот број илегални мигранти во САД се оние што остануваат во земјата и по истекот на визата. Со активирањето на оваа мерка, претседателот добива специјални овластувања со кои може да пренасочува финансиски средства од фондовите за војската и од буџетот за справување со катастрофи за да го изгради граничниот ѕид со Мексико.
