САД

Трамп со закани до војската на Венецуела

19.02.2019 14:17

Лојалноста кон Мадуро ви го загрозува животот – ги предупреди претседателот на САД, Доналд Трамп војниците во Венецуела. Според Русија, челникот на белата куќа се обидува да ја врати демократијата со уцена. Хуманитарната помош нарачана од опозицискиот лидер Гуаидо и натаму под блокада. Владата најави два концерта за собирање средства и донации за населението.

Претседателот на Америка, Доналд Трамп со најостри закани до воените власти во Венецуела, предупредувајќи дека ќе загубат сè доколку му останат лојални на претседателот Николас Мадуро. Неговиот говор во Мајами го следеа Американци со потекло од Венецуела, којашто се соочува со економски колапс. За неколку дена истекува крајниот рок од администрацијата на Вашингтон и од самопрогласениот привремен лидер Хуан Гуаидо за достава на блокираните пратки. Иако претпочита мирно предавање на власта, Трамп повтори дека не е исклучена ниедна можност за решавање на кризата којашто резултираше со егзодус на над 2,3 милиони граѓани.

Доналд Трамп - претседател на САД

Деновите на социјализмот и комунизмот се завршени, не само во Венецуела, туку и во Никарагва и во Куба. Диктаторот Мадуро ја блокира помошта која би спасила животи. Сè уште има војници во Венецуела кои го поддржуваат диктаторот. Си ги ризикуваат иднината, животите за човек кој е контролиран од кубанската армија и штитен од приватна војска од кубански војници. Мадуро не е патриот, тој е кубанска марионета.

Според Мадуро, говорот на Трамп наликувал на обраќањата на нацистите. Според руското МНР и портпаролката Захарова, американскиот претседател преку уцена се обидува да го врати капитализмот во Венецуела.  И покрај сè поголемиот меѓународен притисок, Мадуро одбива да ја предаде власта и да свика предвремени избори. Ги осуди сите обиди од западните земји за американска послушност. Викендов, пак, Владата најави два хуманитарни концерта на колумбиската граница организирани од британскиот милијардер Ричард Бренсон.

Фернандо Окамо - организатор

Неколку претседатели од регионот потврдија дека ќе присуствуваат на настанот. Тој не е политички, морам да нагласам. Наменет е за хуманитарна помош. Целта е да му пратиме порака на светот, да добиеме многу донации, идејата е да се соберат сто милиони долари.

Хорхе Родригез - министер за комуникации и информации

Моравме да посветиме два дена за овој голем концерт. На 22 и 23 февруари, на мостот на Симон Боливар од страната на Венецуела ќе се одржи голем концерт. Нашите браќа и сестри во Кукута ќе добијат над 20 илјади пакети за да се намали страдањето на илјадници деца. Ќе дојдат и педијатри, хирурзи, стоматолози кои ќе обезбедат бесплатни услуги.

Гуаидо, оцени дека потегот на Владата е циничен, а истиот кабинет блокира веќе пристигната помош која чека зелено светло да стигне до народот на Венецуела.