„Се очекува пад на понудената маржа“
Според првичните сознанија на Регулаторната комисија за енергетика трошоците за струја во јануари за малите бизниси кои што излегле на слободен пазар се за околу 20 до 30% помали во однос на порано, што е резултат на целосната либерализација на пазарот со електрична енергија.

За десетина дена ќе биде организирана јавна електронска аукција со негативно наддавање за двете компании што конкурираат за универзален снабдувач и притоа ќе се тргне од најниската понудена маржа од 14,4%, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Марко Бислимоски –претседател на Регулаторна комисија за енергетика
,,Од тоа што го понудија овие две компании очекувам дека ќе има барем за 20 до 30% намалување од нивните првични понуди .Инаку на слободниот пазар на електрична енергија сме единствена земја во регионот каде што има 8 активни снабдувачи со електрична енергија.“
Ако се направи споредба со телекомуникацискиот пазар, во мобилната телефонија, каде има 2 односно три компании, се гледа дека слободниот пазар со електрична енергија е најконкурентен, не само во регионот, туку и во однос на повеќе земји членки на ЕУ, вели Бислимоски. За споредба во Србија , каде што според него пазарот е либерализиран 100% , но најголемиот снабдувач учествува со дури 95% и не може воопшто да се говори за конкуренција. Во однос на изборот на универзален снабдувач ништо не се менува за домаќинствата кои што остануваат на регулираниот пазар, вели Бислимоски.
Марко Бислимоски –претседател на Регулаторна комисија за енергетика
,,Се до оној момент додека граѓаните, домаќинствата не решат да одат на слободен пазар немаат никави останати обврски и кога ќе решат да одат на слободен пазар на електрична енергија таа обврска за промена на снабдувач и постапката не ја води граѓанинот туку ја води избраниот снабдувач на слободниот пазар на електрична енергија.“
Според правилата за пазар за електрична енергија потрошувачот му дава полномошно за застапување на снабдувачот и тој понатаму ја спроведува административно постапката пред операторот на дистрибутивниот систем. За жал, засега цената на регионалните енергетски берзи е од 70 до 80 евра за мегават час, висока е и затоа снабдувачите се уште не им нудат услуги на домаќинствата, појаснува Бислимоски, но се очекува со завршување на грејната сезона и намалување на берзанската цена на електричната енергија.
Свето Николовски
