ФУДБАЛ

Баерн и Барселона со психолошка предност, Јувентус и Сити се фаворити

20.02.2019 09:29

Ливерпул и Баерн Минхен ремизира без голови, истото се случи и на мечот меѓу Лион и Барселона. Домашните екипи на првите мечеви, имаат психолошка предност пред реваншите, затоа што со евентуално реми со барем еден постигнат гол, одат во четвртфиналето во Лигата на шампионите на УЕФА.

Ливерпул имаше повеќе од играта на Енфилд, Барселона имаше повеќе од играта на Групама. Сепак, понекогаш не е доволно да се има повеќе од играта, туку треба да се искористат шансите. Роберт Левандовски кој што има 8 гола и Лионел Меси кој што има 6, првите двајца на листата на стрелците сезонава, не можеа да го најдат патот до мрежата на противникот.

Ќе имаат нова можност, на 13-ти март, на домашен терен.

Атлетико нема загубено елиминациски натпревар во Мадрид последните 22 години, најверојатно планира така да остане и по средбата со Јувентус, но на Ванда Метрополитано се враќа Кристијано Роналдо, кобниот фудбалер за градскиот ривал на Реал во чии што редови играше Португалецот.

Кедира и Даглас Коста нема да играат за гостите, Ернандез нема да настапи за домаќините. Двата тима влегуваат во овој меч со победа во домашниот шампионат, се очекува клучна да биде битката меѓу Роналдо во нападот и Облак на голот на душекџиите.

Манчестер Сити е апсолутен фаворит во двомечот со Шалке, на првиот меч доаѓа со 12 победи на последните 13 одиграни средби во сите натпреварувања и со триумф 1:4 против Њупорт во ФА Купот. Последниот пат кога беше во оваа фаза, германскиот тим загуби од Реал со вкупни 5:4, во 2015-та година кога на реваншот на Бернабеу славеше со 3:4.

Овие два дуела се играат од 21 часот, реваншите се на 12-ти март.

Бранко Чупески