СКОПЈЕ

15 години од загинувањето на Борис Трајковски

25.02.2019 15:59

Во Aлејата на великаните на градските гробишта во Бутел каде што почива претседателот Борис Трајковски, цвеќе положија членовите на неговото семејство, владина и собраниска делегација, претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводени од лидерот Христијан Мицковски, дипломатскиот кор, како и поранешни државници од странство и пријатели на покојниот претседател.

Пред 15 години во раните утрински часови за последен пат полета владиниот кингер што се урна во близина на Мостар и кој животот го загуби македонскиот претседател Борис Трајковски, но и осумчлената делегација.

14 та година по ред, почитување за загинатиот претседател му оддадоа и учесниците на традиционалниот меморијален марш што го носи неговото име. Секоја година пеш и низ македонските планини патуваат од Струмица, родното место на Трајковски до Алејата на великаните во Бутел. 8-мината планинари пешачеа 200 километри што ги минаа за краток период. Велат споменот на Претседателот ги мотивира секоја година, без разлика на временските услови, да маршираат до вечното почивалиште.

Какви и да се временските услови, ние веќе 14 години патуваме и по снег и по дожд  и по секакво време и невреме низ оваа наша убава Македонија. Тој беше Претседател на сите нас и затоа ова е една благодарност од нас како планинари, оти тој сакаше и да оди пешки, на работа од Струмица до Ангелци секогаш одеше пешки, вели водичот на групата Душко Ќосев.

Владина делегација и годинава на местото на несреќата . Македонија имаше претседател кој знаеше да донесе храбри одлуки, и затоа има сомнеж кај македонскиот народ  дека е над него бил извршен атентат, но без докази тоа никој не може да го потврди, рекол министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу во Ротимље. 

Тој беше еден човек од кој што токму ние младите политичари имаме многу да научиме, оти тој знаеше во многу тешки моменти да донесе одлуки, кои што можеби го чинеа политички поени по тој момент, но ние помладите генерации сега гледаме што значи да се донесат такви вистински одлуки, изјави Фазлиу.

Претседателот Трајковски беше личност, претседател и политичар кој што одбележа еден многу тежок период за Македонија и во тој период даде извонреден придонес како за Македонија, така и за регионот, а можам да кажам и пошироко, изјави во Ротимље в.д. македонскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Ристо Велковски.

По двете спроведени истраги имаше два извештаи од различни истражители, но и во двата пилотските грешки и системски пропусти се наведуваат како причина за падот.

Марија Котовска