Барање за ослободување на воениот пилот
Апел за намалување на тензиите меѓу Индија и Пакистан предизвикани од спорот за владеењето во Кашмир. Конфликтот беше разгорен со неколку меѓусебни напади во кои имаше жртви. Пакситанскиот премиер Кан најави дека утре ќе биде ослободен заробениот индиски пилот. Борбата за превласт во Кашмир трае со децении. Индија и Пакистан досега три пати војуваа поради спорната територија

Индија бара ослободување на воениот пилот чијшто авион беше соборен од пакистанската армија. Го обвини Исламабад за напади кон воени објекти на индиската страна на Кашмир. Осуда и за објавената снимка од заробениот пилот, која според Њу Делхи, е непочитување кон воените сили.
Абнинандан Вартаман - Индиски водухопловен командант
Офицерите на Пакистанската армија ме третираат многу добро. Тие се господа, почнувајќи од капетанот кој ме спаси од толпата и од војниците. Очекувам мојата војска да се однесува исто, воодушевен сум од пакистанската армија.
Револт од односот на Пакистан и меѓу населението во Индија.
Ова беше грешка на Пакистан и не требаше да помислат да направат вакво нешто бидеќи нивната одбрана е нула во споредба со Индија. Требаше да носат одлуки во корист на народот за да нема активности кои ќе предизвикаат војна.
На Пакистан треба да му се одржи лекција! Одлуката на премиерот Моди е многу добра. Срцето ми вели дека ништо не е погрешно во ставот на Индија.
Властите во Пакистан го правдаат потегот како одбрана против недозволено влегување во воздушен простор над нивниот дел од Кашмир. Во нападот настрада уште едно борбено летало. Инцидентот следуваше по бомбардирањето од индиското военовоздухопловство врз пакистанскиот дел на Кашмир, што, пак, беше одмазда за самоубиствениот бомбашки напад врз индиски воен конвој.
Имран Кан - Премиер на Пакистан
Проблемите треба да ги решиме заедно, треба да седнеме и да разговараме. Каква било ескалација ќе ја прошири ситуацијата надвор од нашата контрола.
Амбасадорот на Пакистан во Вашингтон Асад Кан бара поголема улога на САД, а неколку земји апелираа двете нуклеарни сили да ги заменат воените операции со дијалог за да се избегне ескалирање на ситуацијата.
Стефан Дујарич - Портпарол на Генералниот секретар на ООН
Нашата порака е двете страни да преземат итни чекори за намалување на тензиите преку значаен заеднички ангажман во одговорноста да ги зачуваат мирот и безбедноста во регионот. Кабинетот на Генералниот секретар Гутереш им е секогаш на располагање на страните доколку се согласат да го направат тоа.
Воздушните напади на Линијата за контрола која ги дели териториите на Пакистан и на Индија во Кашмир се први од војната во 1971 година.
