ЕНЕРГЕТИКА

Регулаторна за универзалниот снабдувач

01.03.2019 16:24

Берзанската цена на електричната енергија од 70 до 80 евра мегават час, заедно со трошокот за мрежарина од 30 евра за мегават час, ја формира крајната цена за домаќинство од 100 и 110 евра за мегават час, што излегувањето на домаќинствата на слободен пазар го прави неисплатливо, споредено со регулираната цена на струјата од 75 евра, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Новиот закон за енергетика  ја зголемува заштитата на  ранливите потрошувачи.

Марко Бислимоски-претседател на Регулаторната комисија за енергетика

„Ги зголемивме правата на потрошувачите особено на  ранливите категории на потрошувачи кои што ќе бидат утврдени со Програмата  за социјална заштита од енергетска сиромаштија што треба да ја донесе Владата,  односно министерството за економија,во текот на зимските месеци нема да можат да бидат исклучувани од системот за електрична енергија.“

Има голем интересот кај снабдувачите за склучување договори со малите фирми кои  сега плаќаат таканаречена индустриска струја по цена од околу  150 евра за мегават час, вели Бислимоски. Доколку излезат на слободниот пазар би добиле цена од  100 до 110 евра, односно би ги намалиле трошоците за струја за  20 до 30 насто и би ја подобриле конкурентноста, објаснува Бислимоски. Излегувањето на слободен пазар не е еднонасеочен пат, велат од Регулаторна  и потрошувачите можат  повторно да се вратат на регулираниот пазар.

Марко Бислимоски-претседател на Регулаторната комисија за енергетика

„Во секој момент домаќинствата и малите потрошувачи кои што излегле на слободен пазар и не се задоволни од  цената и од услугата што ја добиваат од снабдувачот  можат да се вратат назад на регулираниот пазар каде што Регулаторната комисија за енергетика ја одредува  крајната цена  на струјата за потрошувачите.“

Според  новиот модел, универзалниот снабдувач ќе ги има истите обрски како што досега ги имаше снабдувачот на тарифните потрошувачи, вели Бислимоски, а за потребите на регулираните потрошувачи, ќе се набавува струја на тендер. На почеток ЕЛЕМ има обврска да испорачува 80% од потребите на овие потрошувачи, но  тој процент постепено ќе се намалува секоја наредна година.

Свето Николовски