Смртоносни торнада на југоистокот на САД
Дваесетина луѓе настрадаа во серија торнада којашто го опустоши округот Ли на истокот на американската сојузна држава Алабама.

Локалните власти очекуваат раст на бројот на жртвите поради материјалната штета и големиот број урнати објекти. Над 4.000 семејства во Алабама останаа без електрична енергија. Операциите на спасувачките екипи беа привремено запрени поради ноќта и непрегледноста на теренот.
Џеј Џоунс - Шерифот на округот Ли
Штетата спаѓа во категорија на катастрофа врз основа на проценката она што го видовме. Потрагата по преживеани продолжува. Имаме и пријавени исчезнати лица. Неколку жители се префрлени во болница. Дел од нив се со сериозни повреди. Во моментов сме фокусирани на операцијата за спасување и пребарување.
Најсилното торнадо ја погоди областа околу Бјурегард. Американската метеоролошка служба го вброи во категоријата ЕФ-3, што значи дека брзината на ветрот достигнала 266 километри на час.
Предупредување за невреме е издадено во Џорџија, Флорида и Јужна Каролина. Локалните и федералните власти ги советуваат граѓаните да бидат внимателни.
Џо Перкс - Пожарникар
Внимавајте на оштетените далноводи, не излегувајте на патиштата доколку не е неопходно.
По серијата торнада, метеоролозите најавуваат ниска температура за наредните денови. Потенцираат дека драстичната променливост на временските услови е вообичаена за март, особено на југоистокот на Соединетите Американски Држави.
Во 2011 година, во серија од шеесетина торнада во Алабама загинаа над 230 луѓе.
