Барање за исклучување на Орбан и „Фидес“
12 партии во рамките на Европската Народна партија почнаа процедура за исфрлање и суспендирање на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес...

Револтирани се од кампањата на кабинетот во Будимпешта против челникот на Еврокомисијата Јункер и обвиненијата дека Брисел ги поддржува мигрантските бранови.
Дванаесет членки на Европската народна партија официјално побараа исклучување или суспендирање на популистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан и неговата партија Фидес. Најголемата политичка партија на Европскиот парламент е револтирана од кампањата на кабинетот на Будимпешта против претседателот на Еврокомисијата Жан Клод Јункер и обвинувањата кон Брисел за поддршка на миграцијата, тема што е чувствителна за Унгарија. „На средбата на 20 март ќе разговараме за состојбата на Фидес. Мораме да и дадеме можност на таа партија да се изјасни“, изјави претседателот на ЕНП Жозеф Дол.
По најавите од Јункер за преземање мерки против Фидес, Орбан ја прекина кампањата, но предупреди дека неговото изолирање не би било разумна опција бидејќи ќе им биде направена услуга на левичарите од ЕПП. Според владата во Будимпешта, Брисел сака да управува со миграцијата, а не да ја запре, наметнувајќи и на Унгарија мигрантски квоти. „Сакаме Европа која ги почитува правата на земјите-членки, која се темели на христијанските вредности, ги штити заедниците и е способна да ја задржи безбедноста на долгорочен план“, се вели во соопштението на кабинетот на Орбан. Истата порака беше дел и од премиерското обраќање на нацијата минатиот месец.
Виктор Орбан - Премиер на Унгарија
Упориштето на новата меѓународна моќ е во Брисел, иселувањето им е средство. Фиоките во Брисел се полни со планови, и ако добијат шанса, ќе ги искористат.
Во Европската народна партија има над 70 членки од 40 земји. За дебатата околу ова прашање беше неопходно барање од најмалку седум членки на ЕНП од пет земји. Силите против Орбан ги здружија по две партии од Белгија, Португалија и Шведска, по една од Финска, Грција, Литванија, Луксембург, Холандија и Норвешка. Незадоволни се од неуспешните обиди да се контролира унгарскиот премиер кого го обвинуваат за антисемитизам, антимигрантски и антиевропски пропаганди.
Противниците на неговото суспендирање тврдат дека е поедноставно да се влијае врз Орбан додека е член на групата, потенцирајќи дека неговите места се важни за доминантноста на ЕНП во Европарламентот.
