ВЛАДА

Државните институции и претпријатија со нови имиња

06.03.2019 11:16

136 институции финансирани од државниот Буџет добија нови, изменети имиња согласно Договорот од Преспа. По предлог на меѓуресорската работна група за имплементација на спогодбата со Грција, Владата на последната седница, донесе одлука со која ги задолжи институциите да ги променат јавните табли на своите влезови и да постават нови имиња.

Акционерското друштво македонска пошта, ќе се преименува во национална пошта. Новото име на Македонски шуми е – национални шуми, а македонската банка за поддршка на развојот во иднина ќе се именува како  Национална банка за поддршка на развојот. Македонска опера и балет станува – Национална опера и Балет, а новото име на јавниот сервис е Национална радио телевизија. Министерот за надворешни работи Никола Димитров посочи дека институциите треба да ги променат називите во разумен рок.

Никола Димитров - Министер за надворешни работи

Ако се почитува линијата на Преспа, што значи линијата на државата да биде на Република Северна Македонија или кратко на Северна Македонија, а линијата на идентитетот ако се работи за македонскиот народ, Македонците ќе си биде македонско и.т.н. тоа е логиката како ќе се именуваат и конкретните институции. МАНУ е државна институција и има една специфика, но мислам дека сме на добар пат да најдеме добро решение и за МАНУ – изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров.   

Институциите се задолжени да проверат и дали се сменети дигиталните записи како логоа, меморандуми, веб страници и во рок од седум дена да достават збирен извештај до меѓуресорската работна група со одговор дали е извршена бараната измена и до кој степен.

Анита Димитријевска