Ајакс потсети на славните денови, Тотенхем рутинирано си замина од Дортмунд
Духот на некогашниот европски гигант Ајакс, се разбуди и го елиминира тројниот европски шампион Реал Мадрид, со спектакуларно брилијантна партија на Сантијаго Бернабеу.

По негативата 1:2, холандскиот симбол за фудбалот постигна 4 гола во Мадрид, прими само еден, за вкупен скор со кој што помина една рунда од една елиминациска фаза во Лигата на шампионите, прв пат по 22 години.
Душан Тадиќ е човек на мечот – со две асистенции во првото полувреме за головите на Зиех во 7-та и Нерес во 18-та минута, односно со погодокот во 62-та минута. Асенсио намали во 70-та, но Шоне со ремек-делото изведено само две минути подоцна му ја пресече главата на суверенот, последните три сезони.
Во натпреварувањето во кое што често се менуваа форматите, Ајакс е првпат во четвртфиналето по сезоната 2002/03, кога беше елиминиран од подоцна шампионот, Милан.
Кралевите никогаш досега немаа загубено европски меч со 3 гола негатива на домашен терен, сезонава тоа им се случува вторпат во два натпревара едно по друго. Ова е прва пат во историјата, 13 кратниот европски првак да загуби два меча по ред, во ЛШ.
Првпат по 2004-та, Реал Мадрид губи четири натпревара на домашен терен, по ред. Да биде ова искуство погорко, два од тие порази се од вечниот ривал Барселона. Првпат по 2010-та, Реал е елиминиран во Топ 16 фазата.
Ајакс нема пораз во 48 натпревари на европско тло, во кои што прв постигнува гол, а 40 од тие мечеви завршиле со победа на холандската екипа.
Европа ќе види нов шампион по три сезони, само реал има 4 по ред, од 1956-та до 1960-та, во првите 5 сезони од инаугурацијата на тогашниот Куп на шампионите. Ајакс сонува за првиот континентален пехар, по 24 години...
Со голот на Кејн во 49-та минута, Тотенхем победи и во Дортмунд и со вкупни 4:0 се пласира во следната фаза. Англискиот репрезентативец го постигна рекордниот 24-ти европски гол за лондонската екипа.
Бранко Чупески
