Бугарија ќе изгради 2,5 км пруга до границата
Скопје и Софија ќе се фокусираат на двоцифрен раст на трговската размена, побрзо железничко поврзување и воведување сезонски авиолинии во функција на развојот на туризмот.

За ова се разговарало на меѓувладината економска комисија со која претседаваа министрите Крешник Бектеши и Росен Жељазгов. Бугарија ќе се фокусира на изградбата на 2,5км пруга што недостига од коридорот 8, а се разговарало и за нови интерконекциски енергетски поврзувања меѓу двете земји.
Росен Жељазгов-министер за транспорт,ИТ и комуникации на Бугарија
,,На бугарска страна постојат само 2,5 километри кои што не се изградени. Другиот дел од железничката инфраструктура ќе биде модернизиран и рехабилитиран и со нова телекомуникациска сигнализација.Тоа се деловите Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево-Граница. Заеднички ќе го изградиме 2 километра долгиот тунел кој што ќе поврзува без железничка станица и ќе се поминува транзит меѓу двете земји.“
Министерот Жељазгов потврди дека Бугарија е посветена, пругата Скопје-Софија да биде реалност до 2025-26-та ,но исто така и да се реализираат планираните интерконекциски поврзувања меѓу Петрич и Струмица, на гасоводните и на електропреносните системи меѓу двете земји. Во функција на раст на туризмот било разговарано и за воведување сезонски авиолинии Скопје – Софија и Охрид –Варна. Министерот Бектеши очекува двоцифрен раст на трговската размена ,а веќе се работи на олеснување на административните царински процедури.
Заинтересирани сме за инвестирање и за набавка на струја од атомската централа во Белене, но се зависи од понудата, најави Бектеши.
Крешник Бектеши-министер за економија
,,Откако ќе имаме конкретна финансиска конструкција од бугарската страна и можноста на каков начин ние да учествуваме во градбата на тој енергетски капацитет, ние ќе донесеме одлука ,иако сме заинтересирани да ги разгледаме сите опции и ние како Влада да учествуваме во тој голем енергетски проект.“
Денешната седница на меѓувладината мешовита економска комисија беше прва по пауза од 10 години. Бугарија е шести надворешно трговски партнер на земјава, а лани биле тргувани производи и услуги вредни 750 милиони долари.
Свето Николовски
