ЕТИОПИЈА

Приземјена флотата со „Боинг 737“

11.03.2019 13:49

Ден на жалост во Етиопија поради жртвите во авионската несреќа на летот од Адис Абеба кон Најроби. „Етиопиан ерлајнс“ ја приземји флотата со Боинг, а менаџментот на американскиот авиопроизводител на распит. Ова е втора несреќа со над 150 жртви во речиси половина година.

Компанијата „Етиопиан ерлајнс“ ја приземји флотата авиони „Боинг 737 Макс 8“ по несреќата кога загинаа 157 лица. Целта на властите е да се воведе дополнителна безбедносна мерка и да се избегнат нови трагедии. Причината за несреќата засега е непозната. Пилотот со големо професионално искуство пријавил неправилности и побарал да се врати во Адис Абеба. Авионот се урнал само 6 минути по летнувањето. Крајната дестинација била Најроби, главниот град на соседна Кенија.  

Бенјамин Нетанјаху - Премиер на Израел

Дојдов во Министерството за надворешни работи за да ја следам истрагата за Етиопија. За жал, нашиот амбасадор во Етиопија соопшти дека двајца Израелци загинаа во авионската несреќа. Сочувство до нивните семејства.

Поради несреќата, превентивни мерки што се однесуваат на авионите „Боинг 737“ издадоа и воздухопловните власти на Кенија и на Кина.

Џејмс Макарија - Министер за транспорт Во Кенија

Формиравме тим за помош во координацијата. Мобилизиравме повеќе клучни сектори: Цивилната авијација, националната единица за справување со кризи, властите на аеродромите на Кенија, здравството, транспортот, полицијата, и имиграциското одделение. Имаме и владин хемичар, бидејќи можно е да имаме проблем со идентификувањето во Етиопија.

Во авионот имало патници од 30 земји, а некои од нив требало да учествуваат на сесијата на Собранието за животна средина на Обединетите нации што денеска во Најроби почна со едноминутно молчење во знак на почит за загинатите.

Ова е втора несреќа со многу жртви во последните пет месеци. Во октомври се урна авион на крајбрежјето на Индонезија,  и тогаш загинаа 189 луѓе. Според првичните истраги, можна причина за уривањето е неправилност во новиот автоматски систем кој го спречува запирањето на авионот.