Градинарите не очекуваат проблеми со пласманот
Градинарите од струмичко се надеваат на подобра производствена сезона. Засега се задоволни од пласманот и од цените на зимската зелка. Очекуваат наскоро да видат дали ќе имаат ист ќар и со пролетната зелка која годинава е насадена за 30 проценти повеќе.

Земјоделците и откупувачите во Струмичко се оптимисти за претстојната производствена сезона. Се надеваат дека нема да се повтори ланската година со лошиот откупот на градинарските култури, особено на пролетната зелка и на бостанот.
По подолго време годинава зимската зелка има добра откупна цена, која во континуитет е околу 25 денари за килограм. Сепак, градинарите стравуваат за пролетната зелка која е насадена за 30 проценти повеќе од лани и дали поголемата понуда ќе ја бутне цената.
Со доматите, пак е обратно, насеани се помали површини што можат да ја зголемат побарувачката и да ја качат цената.
Трговците се оптимимисти зашто не очекуваат пролетната зелка да стаса одеднаш и да се создаде вишок на пазарот. Бербата ќе трае од 2 и пол до три месеци а тоа ќе биде бериќетно и за производителите.
Стабилни и добри цени имаат и другите градинарски култури, поради намалената понуда и зголемената побарувачка на странските пазари.
