БРЕГЗИТ

ЕУ: Веќе не преговараме со Лондон

13.03.2019 13:57

Европската унија изрази разочараност од неспособноста на Лондон да усвои конечен договор за Брегзит. Промените што ги договорија двете страни во однос за заштитниот граничен механизам за Ирската граница не беа доволно убедливи за мнозинството во Вестминстер. Пратениците денеска гласаат за излез од ЕУ без договор.

Брисел предупреди - нема да преговараме со Лондон за условите за разводот, но постои подготвеност само да се разгледа евентуално барање на Велика Британија за одлагање на терминот за излез од Унијата. Одлуката на ЕУ следува откако Долниот дом во Вестминстер вторпат го одби договорот за Брегзит на премиерката Тереза Меј.

Мишел Барние - Главен преговарач за Брегзит од ЕУ

Обединетото Кралство треба да ни каже што сака во идните односи, кој ќе биде нивниот избор, каков ќе биде ставот што ќе го заземат. Нам ни треба одговор за тоа прашање пред одлуката за евентуално пролонгирање. Зошто би го продолжувале Членот 50? Имаме договор за повлекување. Сега сме во критичен момент. Ризикот за Брегзит без договор никогаш не бил поголем.

Филип Ламбертс - Партија на зелените

Сѐ уште чекаме да видиме мнозинство за нешто во Вестминстер. Што и да биде тоа. Засега не постои. Потребен ни е план од британска страна.

И покрај фијаското со договорот на Меј, во Обединетото Кралство неделава се очекува мало придвижување на процесот кој треба да се заокружи до крајот на месецот. 

Симон Ковенеј - Министер за надворешни работи на Ирска

Наредното гласање е за продолжување на Членот 50. Фокусот е на Лондон каде што е кризата. Ние во Даблин ќе продолжиме да планираме и за Брегзит без договор кој е многу веројатен сега.

Дејвид Камерон - Поранешен премиер на Обединетото Кралство

Отсекогаш ги поддржував обидите на премиерката за партнерство со ЕУ, и натаму ќе биде така. Следно што треба да се случи е да се исклучи опцијата без договор, таа би била катастрофална за земјава, и да се бара продолжување на Членот 50.
 

Се надевам дека нема да гласаат за сценарио без договор и дека ќе добиеме шанса зашто повеќето сакаат да останат во ЕУ. Во последните две години постои невидена поделеност. Ќе помине кога ќе се вратиме во ЕУ.

В четврток има шанса да се добие продолжување. Постои голема корупција, измама, трошење пари, мора да се истражи тоа. Не може да почитуваме гласање што можеби било корумпирано.

Најспорната точка беше одредбата која предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист и во преодниот период до крајот на 2020 година. Во меѓувреме, владата во Лондон соопшти дека во случај на сценарио без договор, нема да се тарифира поголемиот дел од увозот во Обединетото Кралство, а нема да се воведат ни нови царински контроли и проверки на ирскиот остров.