Младите и занаетите во Куманово
Младите сега имаат можност да користат разни субвенции од државата...
74 годишниот Трајко Миладиновски е најстариот бербер во Куманово. Иако работи повеќе од 4 децении вештите раце на стариот мајстор и ден денес потстрижуваат и бричат, затоа како што вели тој нема кој да го замени. Занаетот го научил кај тогашниот познат бербер Коне, а додека работел во Скопје потстрижувал многу познати естрадни личности и политичари, меѓу кои и првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров.
„Тогаш беше друго време, сега е многу различно. Се носеше класичната фризура и луѓето со задоволство одеа кај бербер. Се сеќавам, имаше многу млади кои го почитуваа занаетот и од мерак сакаа да бидат чираци, а сега не можам да се сетам кога последен пат некој прашал да го учи овој занает“, вели берберот Трајко.
Тони Крстевски познат како бербер Чоки со овој занает години наназад го прехранува семејството и вели дека од него може добро да се живее. Според него родителите треба да ги потикнат своите деца да го сакаат занаетот, особено што младите сега имаат можност да користат разни субвенции од државата.
„Сега државата им дава по три или пет иљади евра и со тие пари може да се купат берберски столови да се опреми дуќан и да се почне со работаза разлика од мене кога јас почнав без ничија помош.Ова е добар потег на Владата , само ќе треба младите да станат свесни и да го искористат“, додава бербер Чоки.
За изучување на занаетот потребни се околу 3 години во берберски салон по што се полага завршен испит во стручно училиште.Во Куманово од некогашните 40 , сега има останто околу 10 берберници.
Габриела Димковиќ
