БРЕГЗИТ

Гласање за пролонгирање на терминот

14.03.2019 13:29

Со 312 гласа „за“, и 308 „против“, пратениците во британскиот парламент се спротивставија на Брегзит без договор. Отфрлен е и договорот на премиерката Тереза Меј која идната недела по трет пат ќе се обиде да ги разубеди колегите во Вестминстер да гласаат за него.

По отфрлањето на ревидираниот договор за Брегзит и сценариото без договор за излез од ЕУ, пратениците во британскиот парламент се изјаснуваат за продолжување на терминот за официјална разделба од Брисел што е закажан за 29 март. Со владиниот предлог, Брегзит треба да се одложи до 30 јуни. Идната недела Меј ќе се обиде по третпат да ја протурка својата Спогодба во Парламентот. 

Филип Хемонд - Канцелар на Обединетото Кралство

Имаме две недели до терминот за излез, гласаме за продолжување на рокот, но мора да го пролонгираме со причина, а не само тукутака зашто нема да ни помогне ни на нас, а веројатно ни ЕУ нема да го прифати.

Лео Варадкар - Премиер на Република Ирска

Ќе видиме што ќе се случува во наредните денови кога ќе има самит на Европскиот Совет. Очекувам дека Обединетото Кралство ќе бара продолжување, па ќе треба да се дознае целта на тоа и времетраењето.

Германските власти ја поздравија одлуката на британскиот Парламент за неприфаќање излез на Велика Британија од Европската унија без претходно постигнат договор за идните односи. Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск за време на консултациите пред Самитот на ЕУ идната  недела, ќе побара од 27 земји-членки на блокот да бидат отворени за поголемо продолжување на рокот за Брегзит, доколку  Лондон оцени дека е потребно да ја преиспита својата стратегија.