Пријавување на ново производство на тутун
До 31 март е пријавувањето на новото производство на тутун за 2019-та. Секој земјоделец кој има намера годинава да ја одгледува оваа култура, мора да има евидентен лист кој ќе се користи за склучување на договор со монополите.

Пред да склучат договори за откуп, најдоцна до 31 март, тутунарите мораат да го пријават новото производство за оваа година.
Пријавувањето се врши во министерството за земјоделство, односно во подрачните единици каде што е местото на живеењето на производителот независно каде се наоѓаат површините со тутун.
Во моментов се подготвува нов закон за оваа култура. Во меѓувреме според сегашниот земјоделците и натаму треба да добијат евидентен лист за производството во сите катастарски парцели на кои ќе садат тутун, според типови и количества и кои ќе се внесуваат во регистерот на земјоделските стопанства.
Според последните податоци од ланската реколта се откупени повеќе од 22 илјади тони тутун, со просечна цена од 213,5 денари за килограм.
Превземањето на тутунот и годинава траеше според законскиот рок, односно заврши минатата недела на 15 март кога и последниот од монополите ги затвори вагите и вратите на откупните центри.
