Во Хаг почнува судењето во спорот за геноцид меѓу Хрватска и Србија

03.03.2014 11:21

Расправата се отвори со излагање на правниот тим на Хрватска, додека српскиот тим своите ставови ќе ги изнесе една недела подоцна, на 10-ти март...

Во Хаг, пред Меѓународниот суд на правдата почна усната расправа во спорот меѓу Хрватска и Србија по тужбата и контратужбата за геноцид. 
 
Расправата се отвори со излагање на правниот тим на Хрватска, додека српскиот тим своите ставови ќе ги изнесе една недела подоцна, на 10-ти март. На 20-ти март, ќе стартува втората рунда усна расправа што ќе заврши на 1-ви април. Расправата ќе имаат можност да ја следат само акредитирани набљудувачи и новинари.
 
Во следните месеци судот ќе донесе пресуда со која ќе утврди дали Хрватска, односно Србија извршиле геноцид, поттикнување геноцид или помагање во геноцид на територија на Хрватска во периодот што е опфатен со тужбата и контратужбата, од 1991 до 1995 .
 
Конечната пресуда на која не постои право на жалба, според очекувањата на експертите, би можела јавно да биде соопштена до крајот на оваа или почетокот на 2015 и ќе биде обврзувачка за двете држави.
 
За тужбата и контратужбата ќе одлучуваат вкупно 17 судии, 15 постојани судии и двајца ад хок судии од Србија и Хрватска. Со расправата ќе претседава претседателот на судот од Словачка, Петер Томка.