Соработници на Гуаидо презедоа објекти во САД
Соработници на привремениот лидер на Венецуела Хуан Гуаидо презедоа контрола врз неколку дипломатски објекти во САД. Колумбија која е една од земјите кои го признаа неговиот легитимитет, обезбедува сместување за дезертерите од Венецуела.

Претставници на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо презедоа контрола над три нивни дипломатски објекти на Венецеуела во САД. Заземени се две згради на Министерството за одбрана кои припаѓаат на Венецуела во Вашингтон и една конзуларна во Њујорк. Во наредниот период е најавено и запоседнување на контрола над амбасадата во Вашингтон.
Карлос Векио - Претставник на Венецуела во САД
Презедовме вакви чекори за да го зачуваме имотот на официјален Каракас во оваа земја. Тие уништија сѐ. Ја уништија и оваа куќа. Ова е имот во сопственост на венцуелскиот народ. Ако го прават ова овде, замислете што прават во Венецуела.
САД го повлекоа дипломатскиот персонал од Венецуела поради немирите и кризата. Гуаидо, кој се самопрогласи за привремен претседател до нови избори, е признаен од повеќето западни држави, додека Кина и Русија застанаа зад претседателот Николас Мадуро кој беше реизбран лани. Опозицијата тврди дека не е легитимен начинот на кој победил. Дуелот за превласт продолжува.
Хуан Гуаидо - Опозициски лидер на Венецуела
Поддршката на меѓународната заедница е очигледна. Не само по турнејата во Јужна Америка, туку и со поддршката од Европа, од соседните земји, и со сиот потенцијал кој го имаме со хуманитарната помош од над 100 милиони американски долари, што ја блокира режимот.
Поради кризата, илјадници припадници на венецуелските безбедносни сили пребегнаа во соседна Колумбија, којашто е една од земјите кои го признаа легитимитетот на Гуаидо. Воени дезертери има и во Бразил.
Десет војници од Националната гарда дојдоа овде. Решивме да ја преминеме границата во Бразил за да побегнеме од корумпираната влада на Венецуела. Ние не сме убијци од Националната гарда, на страната на народот сме.
Тешко е да заминеш во друга земја откако си оставил и живот и младост. Но како поддршка за сопругот кој прв дојде овде, дојдов и јас бидејќи ја согледав ситуацијата. Дојдов овде за подобра иднина на нашите деца.
Во меѓувреме, властите во Каракас го прекинаа извозот на нафта во Индија која е втор по големина потрошувач на дериватот на членката на ОПЕК, веднаш зад САД. Годинава Вашингтон воведе строги санкции за нафтената индустрија на јужноамериканската земја и вршеше притисок врз Индија да запре со купување на енергенсот. Каракас го пренасочи извозот кон Русија и Кина.
