БРЕГЗИТ

Меј на средби со лидерите на ЕУ во Брисел

21.03.2019 14:28

Британската премиерка Тереза Меј изрази жалење за барањето за одложување на Брегзит за три месеци. Гаранции за согласност од ЕУ нема околу новиот термин предвиден за 30 јуни... Меј е на средба со лидерите на ЕУ во Брисел. Во центарот на унијата допатува и нејзиниот противник од редовите на опозицијата Корбин за да договори алтернативен план за Брегзит.

Британската премиерка Тереза Меј во Брисел на средби со лидерите на земјите-членки на ЕУ. Главна тема е предложеното одложување на рокот за Брегзит кој е планиран за 29 март. Во писмо до Брисел, Меј бара пролонгирање на стапувањето во сила на членот 50 до 30 јуни.

Тереза Меј - Премиерка на Обединетото Кралство

Пратениците беа подготвени да кажат што не сакаат. Искрено, се надевам дека ќе најдат начин да го поддржат Договорот кој го преговарав со ЕУ, Договорот кој го спроведува резултатот од референдумот е и најдобриот договор. И натаму деноноќно ќе работам за да ја обезбедам поддршката од колегите. Но не сум подготвена да го одложам Брегзит по 30 јуни.
 

Според шефот на британската дипломатија Хант, ЕУ веројатно ќе одржи вонреден самит идната недела за Брегзит, но сега под потешки услови, вклучувајќи и можен втор референдум.


Џереми Хант - Министер за надворешни работи на Обединетото Кралство

Побаравме дополнително време, кус период, за да му се овозможи на Парламентот последна шанса да најде решение. Европската комисија изјави дека е подготовена само да ни даде подолг период. Сценариото без договор или парализиран Брегзит, е непосакуван исход. 

Гаранции за зелено светло од ЕУ засега нема. За нив, предуслов за пролонгирање на рокот е конечното усвојување на Договорот за повлекување во Вестминстер.

Хајко Мас - Министер за надворешни работи на Германија

Писмото на Меј не решава ништо. Го одложува проблемот. Ако Советот мора да утврди рок за продолжување за Британија, сакаме да знаеме зошто. Во основа, проблемот ќе биде решен само со Договор на маса за организиран Брегзит.

 

Преостануваат осум дена до законскиот термин за Брегзит, а исходот од процесот и натаму е неизвесен. Договорот на Меј и Брисел беше двапати одбиен во Вестминстер, но признаен од 27-те земји-членки на ЕУ.