ЛОНДОН

Пратениците презедоа контрола за Брегзит

26.03.2019 12:24

Пратениците во Вестминстер ја презедоа контролата во долниот дом за да обезбедат мнозинство за секоја опција за Брегзит. В среда преку гласање ќе откријат кое сценарио има најголема поддршка.

Нов пораз за Владата на премиерката Тереза Меј откако со 329 гласа „за“ и 302 “против“ беше изгласан меѓупартиски амандман кој овозможува серија гласања за опциите за излез на Обединетото Кралство од Европската Унија. Против Меј застанаа и 30 Ториевци, вклучувајќи и тројца министри кои се повлекоа од функција и ја обвинија дека „игра рулет со животите на британскиот народ“.  Премиерката Меј е скептик дека процесот ќе резултира со мнозинство. Предупреди дека гласањето веројатно ќе доведе до предлози кои нема да можат да се преговараат со Брисел.

Тереза Меј - Премиерка на Обединетото Кралство

И натаму верувам дека вистинскиот пат е Обединетото Кралство да замине од ЕУ што е можно поскоро со договор, односно на 22 мај. Жалам што сѐ уште нема доволна поддршка во Домот за да се врати Договорот на трето гласање.

Симболично гласање се однесува на повеќе опции, вклучувајќи и „помек Брегзит“, царинска унија со Брисел и втор референдум.

Џереми Корбин - Лидер на партијата на Лабуристите

Честитам за преземањето на контролата. Пристапот на Владата беше неуспешен. Овој Дом мора да најде решение. Не знаеме што ќе одлучат в среда, но знам дека постојат многумина во овој Дом кои работеа напорно на алтернативните решенија, и ние мора да дебатираме за да постигнеме консензус. Домот мора и да размисли дали и народот треба да гласа за Договорот.

Пратениците во Вестминстер со тесно мнозинство изгласаа и предлог за уште едно продолжување на Брегзит доколку до 5 април не биде одобрен Договорот. Документот беше двапати отфрлен со голема разлика во гласовите.

Претходно 27-те земји-членки на ЕУ се согласија да се одложи рокот до 22 мај доколку биде потврдена Спогодбата за разделба во Вестминстер. Во спротивно, на Лондон му дадоа можност до 12 април да се изјасни дали ќе учествува во европските избори или ќе замине без договор.