ЛОНДОН

Парламентот со серија гласања за Брегзит

27.03.2019 13:47

Британските пратеници разгледуваат и избираат опции за Брегзит откако ја презедоа контролата во долниот дом. Во игра влегува и петицијата за откажување на Брегзит која доби поддршка од над 5,7 милиони луѓе. Европската унија... Меј во обид да го спаси кабинетот на Даунинг 10, веројатно денеска ќе се сретне со членовите од својата партија, Торијевците.

Пратениците во Вестминстер со серија гласања се во потрага по сценарио за Брегзит што би имало најголема поддршка во Долниот дом. Меѓу предлозите се и откажување, но и Брегзит без договор. Со собраните 5,7 милиони потписи на интернет-петицијата со која се бара откажување на излезот од ЕУ, идната недела пратениците ќе одржат и необврзувачка дебата за ова прашање. Делот кој повикува на нов референдум за членството во блокот доби над 120 илјади потписи, а вториот со кој бара излез од Унијата без договор го потпишаа 140 илјади луѓе. Брисел тврди дека е подготвен за демократски варијанти, вклучувајќи го и најнепосакуваното - Брегзит без договор.

Маргаритис Схинас - Портпарол на Европската Комисија

Слободата на изразување е основно право во европската унија. Ја следиме и петицијата. Но додека владата на Обединетото Кралство не нѐ извести за нешто друго, ние сметаме дека тие заминуваат од ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет Туск порача – Унијата треба да биде отворена за продолжено одложување на заминувањето доколку Британците сметаат дека им е потребно повеќе време за стратегијата.

Доналд Туск - Претседател на Европскиот Совет
Не може да изневерите шест милиони луѓе кои ја потпишаа петицијата за отповикување на Членот 50, или оние милион кои маршираа за Гласот на народот, ниту пак сѐ поголемото мнозинство кое сака да остане во ЕУ.

Најџел Фараж, поранешниот лидер на британската Партија на независните (УКИП), и еден од најголемите поддржувачи на Брегзит, тврди дека премиерката Меј нема храброст да ги извлече од Унијата. Нејзината Спогодба  ја спореди со Версајскиот договор по Првата светска војна кој му помогнал на Хитлер да добие моќ.

Најџел Фараж - Поранешен лидер на Укип

Дали сакате да ви се вратам овде? Ете, гледате. И поради што сево ова? Брегзит ќе се случи. Господине Туск, ако мислите дека Британците се премислиле, Вие сте во заблуда бидејќи анкетите покажуваат водство од 15-20% за опцијата за излез. Да имаме нов референдум, движењето за повлекување ќе победи со голема разлика. Зошто би се ставале во долгогодишна агонија?
 

Лондон има рок до 12 април да се изјасни, дали го одобрува Договорот за повлекување од ЕУ, кој беше отфрлен двапати во Вестминстер. Дотогаш треба и да се предложат британските кандидатури за европските избори.