„Фејсбук“ забранува екстремизам од белата раса
Компанијата „Фејсбук“ забранува содржини кои поддржуваат и пропагираат расистички идеологија на белата раса. Одлуката е донесена поради масакрот во џамиите во Нов Зеланд, а ќе се спроведе од идната недела и на Инстаграм.

Менаџментот на социјалниот медиум ќе ги подобрува капацитетите за откривање и блокирање материјали од терористички групи. Луѓето кои пребаруваат навредливи поими ќе почнат да ги поврзуваат со хуманитарна организација која се бори против крајнодесничарскиот екстремизам.
Стивен Шилер - Поранешен директор на Фејсбук, Австралија
Постојат три нивоа на проблемот. Прво, Фејсбук, Твитер и Гугл мора да одлучат што е дозволиво на платформата, кои се стандардите. Предизвикот е голем, активни се во 152 земји каде што постои контекст кој се менува секојдневно. Второ, како ќе ја откријат содржината во реално време за да може да ја отстранат? Тоа тешко се изведува со веќе објавен текст или видео, но уште потешко е со видео кое се емитува во реално време. Трето, треба да решат на кој начин ќе ја отстранат и спречат од ширење таа содржина.
Во меѓувреме, владата на Австрија најави дека планира да ја расформира крајнодесничарската група која добила донација од 1.500 евра од Брентон Тарант, главниот осомничен во нападите во Нов Зеланд. 28-годишниот Брентон Таратнт е обвинет за убиство на 50 луѓе во две џамии во Крајстчрч. Владата во Виена истражува дали „Идентитаристичкото движење на Австрија“ е терористичка група.
Себастијан Курц - Канцелар на Австрија
Потребна ни е брза истрага за овие мрежи за да откриеме дали биле вршени опасни активности на наша територија. Ставот ни е јасен, во ова општество нема место за екстремизам, ниту за радикални исламисти ниту за ултрадесничарски фанатици.
Поради опасноста од подемот на крајната десница, неколку европски земји ги модифицираат националните безбедносни програми за да можат да одговорат соодветно на заканата. Покрај Европа, и САД се соочуваат со проблеми предизвикани од радикалните движења кои се поттикнати и од бегалските кризи со кои се соочуваат во последните години на своја територија.
