Забрана за вршење на јавна функција на Гуаидо
Владата на Венецуела му забрани на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо да врши јавна функција.

Меѓународната контакт- група за Венецуела ја осуди одлуката на Владата на претседателот Николас Мадуро со која му се забранува на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо да врши јавни функции во наредните 15 години. Легитимитетот на Гуаидо е признаен од САД, повеќето земји во ЕУ и во Јужна Америка. Брисел вети и финансиска помош. Вашингтон предупреди дека ќе врши максимален притисок врз владата на Мадуро.
Федерика Могерини - Шеф на Европската безбедност и дипломатија
Оваа политичка одлука на владата во Венецуела е уште еден доказ за природата на правосудството во земјата. Неопходни се враќање на демократијата, владеењето на правотот и поделба на моќта. Овие постапки дополнително го поткопуваат обидот да се најде мирно и демократско решение за кризата.
Политичката криза во Венецуела ескалираше поради пристигнувањето на двата руски борбени авиони кај Каракас минатиот викенд кои донеле околу 100 лица од специјалните единици и тимовите за кибернетичка безбедност. Самопрогласениот лидер Гуаидо тврди дека Мадуро ја платил Русија со злато во замена за воената поддршка. `
Хуан Гуаидо - Лидер на опозицијата во Венецуела
Малата група војници кои го поддржуваат претседателот Мадуро, веруваат дека имаат поддршка од руската армија, но не е точно. Тие се платени однапред. Да не се збуните! Не барам трпение. Барам да се активираме, организираме и да сме на улиците.
Официјална Москва тврди дека експертската екипа е во рамките на Договорот за воена соработка меѓу двете земји. Русија е клучен сојузник на Венецуела и сериозен финансиер на нејзината нафтена индустрија и војска.
Марија Захарова - Портпарол на руското МНР
Руската страна не прекрши ниедна правило, ни меѓународните договори, ни законите на Венецуела. Русија не го менува балансот на силите во регионот, и не е закана за никого.
Американскиот претседател Доналд Трамп побара Москва да ги повлече трупите од Венецуела, предупредувајќи дека не е исклучена ниедна опција за дејствување.
