ТУРЦИЈА

Мртва трка за градоначалникот на Истанбул

01.04.2019 13:47

Кандидатите на опозицијата во Турција ги зазедоа градоначалничките позиции на главните фронтови во локалните избори. Конзервативната партија на претседателот Ердоган поразена во Анкара по долгогодишно владеење. Во Истанбул, мртва трка со опозицискиот кандидат.

Мртва трка за градоначалничката позиција во најголемиот град на Турција. Во Истанбул прогласија победа и кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и на турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП). Од Изборната комисија соопштија дека кандидатот на ЦХП Екрем Имамоглу водел со 28 илјади гласа, но нагласија - резултатите од над 80 гласачки кутии се сметаат за спорни. Партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, тврди дека нивниот кандидат, поранешниот премиер Бинали Јилдирим, имал 4000 гласа повеќе од ривалот.

Во трката за Анкара, главниот изборен фронт, триумфираше Мансур Јаваш од редовите на опозицијата, што е удар за половина век владеење на партијата на Ердоган и неговите претходници. 63-годишниот адвокат доби над 50% од гласовите. Во споредба со претходните избори во 2014 година, ЦХП овој пат доби 20 градоначалнички позиции. Прогласи победа и во третиот по големина град Измир.

Мансур Јаваш - кандидат за градоначалник На ЦХП

Денеска губитникот во Анкара е Озхасеки. Да, беа поразени тој и неговата валкана политика. Победија нашата демократија и сите други партии.

 

Конечно сме среќни. Одамна не сме биле олку среќни. Ќе бидеме уште посреќни ако и кандидатот за градоначалник на Истанбул слави со нас.
 

На национално ниво, партијата на Ердоган освои над 51насто гласови. Овие избори се сметаат за референдум за неговото владеење. Тој најави дека и во идниот период ќе се посвети на решавање на прашањата од сферата на безбедноста и на економијата.

Реџеп Таип Ердоган - Претседател на Турција

Да знаат дека ќе останам претседател и во наредните четири и пол години. И дека АКП ќе владее. Ќе бидеме во парламентот како Народна алијанса и ќе продолжиме исто како што стигнавме овде.

На локалните избори во Турција учествуваа вкупно 12 политички партии, 73 независни кандидати за началнички функции, а право на глас имаа 57 милиони граѓани.