Избори за составот на Кнесот

09.04.2019 13:50

Неизвесен резултатот од изборите за израелскиот Кнесет. Премиерот Бенјамин Нетанјаху се обидува да го продолжи тринаесетгодишниот мандат и покрај обвинувањата за корупција. Силите ги одмерува со поранешниот генерал Бени Ганц и неговата коалиција со поранешни министри на Израел.

Парламентарни избори во Израел. Се води неизвесна трка меѓу десничарите од Ликуд предводени од премиерот Бенјамин Нетанјаху, и центристичката коалиција „Кахол Лаван“ преставувана од Бени Ганц, пензиониран воен генерал. Според последните предизборни анкети, новиот играч на политичката сцена на Израел беше во мало водство пред Нетанјаху. 59-годишниот Ганц ги здружи силите со Моше Калон, поранешен министер за одбрана, и со екс-министерот за финансии Јаир Лапид за да ја формира новата партија „Сина и бела алијанса. Ганц бара мир со Палестинците и зачувување на безбедносните интереси.

Бени Ганц - Главен опонент на премиерот Нетанјаху

Сите треба да ја почитуваме демократијата, да преземеме одговорност. Излезете да гласате, изберете го оној кому му верувате, почитувајте се меѓу себе, и дозволете сите да се разбудиме во нова зора, нова историја која треба да ја почнеме.

Нетанјаху се бори за четврти последователен мандат, односно петти во политичката  кариера. Бидејќи се соочува со обвиненија за корупција, овие избори се сметаат за референдум за неговото владеење кое трае една деценија.

Бенајмин Нетанјаху - Премиер на Израел

Имаме разлика од само неколку места, Лапид и Ганц водат. Единствениот начин да се намали разликата е Ликуд да формира нова влада, односно да имаме моќен Ликуд.  Во спротивно, ќе се разбудиме со премиер што се вика Лапид.

Кампањата на Нетанјаху е фокусирана и на соработката со САД, вклучувајќи го и признавањето на израелскиот суверенитет врз Ерусалим, а неодамна и врз Голанската висорамнина која беше анектирана од Сирија во 1967 година. Премиерот одржа и собир во Москва каде што му заблагодари на претседателот Владимир Путин за враќањето на останките на израелски војник кој бил исчезнат 37 години во Либан.

Барак Равид - Аналитичар

Претседателите на САД и на Русија во суштина го признаа Нетанјаху. Претседателот Трамп го призна суверенитетот на Голан, и сега Нетанјаху смета дека има можност да го стори истото и со Западниот брег.

Изборите беа најавени во декември откако владата не успеа да протурка нов нацрт-закон за војската во парламентот. Досега ниту една партија не освоила убедливо мнозинство во Парламентот од 120 места,  така што ќе бидат потребни денови, или недели за коалициските преговори. Право на глас имаат 6,3 милиони  избирачи.