Мајк Помпео на сослушување во сенатот
Првиот човек на американскиот Стејт Департмент на сослушување во Сенатот.. Сенаторите успеаја да добијат конкретни одговори за дел од прашањата поврзани со актуелните предизвици во надворешната политика.. Помпео беше резервиран во одговорите за Израел и Палестина..

Американскиот државен секретар Мајк Помпео одговараше на прашања од Одборот за надворешна политика во Сенатот на САД. Северна Кореја, Венецуела и Египет меѓу главните теми за дискусија. Но своето излагање го почна со заканата од Кина, еден од првите предизвици во неговиот едногодишен мандат како државен секретар.
Мајк Помпео - Државен секретар на САД
Кога администрацијата на Трамп дојде на власт, САД се соочуваа со серија закани. Се соочивме со Кина која сакаше да го прошири својот модел за економска корупција, да ја зголеми нејзината воена моќ и да ја усоврши Орвеловата контрола на народите.
Во однос на политиката со Северна Кореја, Помпео изјави дека целта е да се постигне и да се потврди целосна денуклеаризација на Полуостров. Лидерот Ким Јонг Ун имаше два самита со американскиот колега Доналд Трамп, но ниеден не резултираше со конкретно решение за ова прашање. За Венецуела, каде што Вашингтон застана на страната на самопрогласениот привремен шеф на државата Хуан Гуаидо, Помпео вети и натамошна поддршка за демократијата и соработка со партнерите од регионот.
Сенаторите не добија конкретен одговор за тоа зошто Мадуро и Ким Јонг-ун се третираат како диктатори, а не и египетскиот претседател ал Сиси кој затворал политички неистомисленици и новинари. Помпео нагласи - Стејт департментот се води според Извештајот за човекови права и користи различни средства од американскиот арсенал за отпор на различни места и предизвици.
Патрик Лејхи - Сенатор на Демократите
Но претседателот го нарекува голем пријател. И тоа е алатка за давање на отпор кон него?
Мајк Помпео - Државен секретар на САД
Претседателот си ги избира сам зборовите. Несомнено е дека Египќаните се важен безбедносен партнер кој ни помага да ги отстраниме терористичките закани во Синај со што се намали ризикот на САД. Несомнено е тоа, имам голема почит кон претседателот Сиси.
Помпео резервиран и за анексијата на еврејските населби во Западниот брег што ја најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Не коментираше ни за дводржавното решение за спорот меѓу Палестинците и Израелците, кој беше застапуван од поранешната американска админстрација.
Мајк Помпео е 70. државен секретар на САД. Пред да биде назначен за оваа функција бил воен офицер и директор на ЦИА.
