ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Вајгл: Поддршка за почеток на преговорите со ЕУ

13.04.2019 15:53

Словенечкиот европратеник Иво Вајгл е на мислење дека ќе биде тежок удар не само за Македонија, македонската влада, туку и за стабилноста на регионот, ако Македонија не добие датум за преговори во јуни, Европскиот парламент дава поддршка за почеток на преговорите, со оглед дека земјата постигна значајни резултати.

Европратениците кои во изминатиот мандат на Европскиот парламент го следеа процесот на проширување, поточно напредокот на земјите кандидати сега се обидуваат да ги убедат Европската комисија и пред се некои од земјите членки дека на јунскиот самит треба да и се даде датум за преговори на Република Северна Македонија. Еден од тие европратеници е словенечкиот европратеник Иво Вајгл, кој што е известувач за напредокот на нашата земја.

„Јас верувам, не можам повеќе да кажам, но верувам  како известувач за Македонија и сеуште како член на Европскиот парламент дека ќе направам сé, да се свати дека одложувањето на почетокот на преговорите според договорениот и ветениот рок во месец јуни, ќе значи тежок удар не само за Македонија, македонската влада, туку и за стабилноста на регионот, на она за што стои и е заинтересирана Европската комисија и Европската Унија. Верувам дека треба  Северна Македонија, да се поддржи врз основа на нејзините сопствени достигнувања. Тука не би требало да има пречки што некои други земји кандидати заостануваат зад очекуваните перформанси. Така што ние ќе настојуваме во Европскиот парламент да дадеме силен поттик и поддршка   преговорите  да започнат во јуни, а понатамошниот тек од преговорите ќе зависи од резултатите и достигнувањето на државата, која ќе треба да потврди дека со право е кандидатка за членство.“

Ако Македонија не добие датум за преговори во јуни, дали постојат опасности за неа и за регионот?

„Јас се плашам дека постојат низа  опасности. Првата е општата разочараност во поглед на веродостојноста на Европската Унија. Ние нешто ветивме и ветувањето ,нели, обврзува. Потоа се отвораат некои нови приказни  за дестабилизација на регионот, регионот е немирен, во многу држави во опкружувањето работите се политички заострени. Македонија е еден пример дека со добра волја и отвореност за соработка во поширок европски контекст може да се решаваат најтешките проблеми. Затоа, јас во овој момент повеќе зборувам под претпоставка дека ќе ги одржиме ветувањата отколку да ги плашиме луѓето што ќе се случи, ако не го исполниме тоа свое ветување.“

Господине Вајгл, како да се убедат некои земји како Франција кои велат дека пред преговорите поважни се реформите.

„Ако велат дека се поважни реформи, тогаш  добро да проверат што се случува во областа на реформите и морам да кажам дека според она што го знам, а тоа е и мислење на одговорните луѓе во Европската комисија и во овој парламент, дека Македонија сериозно работи на реформите .Сеуште има  време да се побрза со нив, меѓутоа она што е неприфатливо е  ако се откажеме од принципот  на оценување на кандидатките, што поедини земји го употребуваат за да ја искажат нивната воздржаност за процесот на проширувања на Европската Унија, . Засега тоа никој јасно не го рекол, но, се плашам дека бројни се тие кои сметаат на таква политика и промена во европската политика.“

Што треба да направи Македо нија во овој краток период за да добие датум за преговори?

Македонија треба пред се да демонстрира лице на амбициозна демократска земја во која владее согласноста околу најзначајните стратешки цели на државата и нејзините граѓани. Се разбира тоа е политички предуслов, но постои и друг предуслов, а тоа е легитимацијата да се напредува во реформите кои беа основа за помош и поддршка на Европската Унија за време на политичката криза во Македонија. Нема да измислуваме нешто ново, познато е кои реформи ги бараат од Македонија, а знаеме и тоа дека владата сериозно работи на тие реформи, се разбира толку колку што може да се работи во услови кога не постои консензус на сите страни. Морам да речам дека во тие услови прилично ми пречи и ставот на претседателот на Републиката, кој не сваќа дека Македонија со прифаќањето на договорот од Преспа, навистина си ја отвори  вратата за Европската Унија и НАТО. Затоа сега не е време за било какви опструкции, туку за сериозна работа на реформите.

Стразбур Тони Гламчевски за МРТ