АДМИНИСТРАЦИЈА

Експерти ќе помагаат за преговорите со ЕУ

15.04.2019 15:53

Ќе се искористи сиот расположлив потенцијал во администрацијата, но и надвор од неа за преговорите со Европската унија. Министерот Манчевски очекува земјава да одговори на барањата. Со јавна расправа, започнат е процес за измените на законите за вработени во јавниот сектор и за административците.

Администрацијата ќе добие експертска поддршка за преговарачкиот процес со Европската унија. Министерот Манчевски, кој деновиве изрази загриженост за капацитетот, уверува дека ќе се искористи сиот расположлив потенцијал. За првите поглавја, за кои посочи дека се во фаза на скрининг, не очекува проблеми. 

„Заедно со Министерството за труд и социјална политика, со СЕП и со Министерството за финансии работиме на предлог, којшто ќе овозможи начин да привлечеме луѓе, и од другите институции во јавниот сектор и однадвор да се приклучат во процесот на преговорите. На ова ќе работиме во идните неколку месеци, нормално дека треба да реагираме брзо и сметам дека ќе бидеме подготвени, во оној момент кога ќе почнат преговорите да одговориме на барањата“, изјави Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација

Паралелно со овој процес, почна јавна расправа за измена на законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници. Детектирани се проблеми при спроведувањето на решенијата, како и отпор кај дел од институциите. Од надлежната Агенција велат дека се потребни промени во делот на постапките за вработување и унапредување, како и на заштитата на правата на административците.

 „Голем број кандидати, кои аплицираат за вработување во државната служба како административни службеници отпаѓаат од селекцијата поради технички причини. Преоптоварени се да прикачуваат документи кои се ирелеванти за мерит-системот, по кој треба да се вреднува способноста на самиот кандидат“, изјави Спасе Глигоров, Директор на Агенцијата за администрација

„Граѓаните очекуваат поквалитетни и побрзи услуги, а ние, административните службеници очекуваме поголема мотивација за сработеното“, изјави Билјана Жагар – Николовска, Советник за администрација

Експертите советуваат да се зајакне концептот на кариера во администрацијата.

„Да не мора да се распишува оглас за лице кое 10 години успешно си ги завршува работните задачи да биде унапредено во нешто повисоко“, изјави Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет во Скопје

Надлежните очекуваат законските измени да бидат донесени најдоцна до септември.

 

Новинар: Мартин Пушевски