Сеидбата на оризот може да почне
Течат оптималните рокови за сеидбата на оризот. Вода има доволно, а сезоната за наводнување ќе почне навреме. Сепак на оризовите полиња има малку земјоделци кои се подготвуваат за сеидба, а има и ниви кои се уште не се изорани.

Полнењето со вода на оризовите површини во Кочанско се одвива според договорениот план, а со подобрената хидролошка состојба нема поголеми проблеми на теренот.
Во моментот сè уште се зафаќаат проточните води од реките во регионот за да може максимално да се искористи нивниот капацитет и колку што е можно подолго да се штеди водата во акумулацијата Калиманци.
Дел од полињата веќе цела недела се под вода, но се забележува мала активност кај земјоделците, поради што од хидросистемот „Брегалница “ апелираат тие што побрзо да се излезат на терен, да ги подготват нивите и да ја почнат сеидбата во оптимални услови.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ велат дека врнежите од дожд помогнале да се подобри хидролошката состојба во акумулацијата Калиманци, каде во моментот има нешто помалку од 100 милиони метри кубни вода, што најверојатно ќе почне да се користи за десетина дена, односно после 1 мај.
