Средба Путин- Ким во Владивосток
Лидерите на Русија и на Северна Кореја ветија поголема соработка во повеќе сфери... По нивниот прв самит кој се одржа на далечниот исток на Русија, Путин понуди и помош во нормализирањето на односите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон...

Нуклеарното разоружување на Корејскиот Полуостров беше главна тема на средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун во Владивосток. Соговорниците заклучија дека самитот е позитивен чекор кон ова спорно прашање, но и за натамошниот развој на односите меѓу двете земји. На двочасовниот состанок се разговараше и за билатералната соработка во повеќе области.
Владимир Путин - Претседател на Русија
Уверен сум дека вашата посета ќе ни помогне да разбереме како да го решиме корејското прашање и што може Русија да преземе да ги поддржи позитивните процеси кои се случуваат во моментов. Состанокот ќе помогне и во нормализирањето на односите меѓу Северна Кореја и САД.
Ким Јонг-Ун - Лидер на Северна Кореја
Ви честитам за тоа што лани рускиот народ ви ја даде довербата да ја водите големата Русија бидејќи вие успешно работите за да создадете силна земја. Мислам дека ова е многу корисен состанок за развојот на односите меѓу Северна Кореја и Русија, кои имаат долготрајно пријателство и историја.
Пред околу два месеца, Ким Јонг Ун имаше втор самит со американскиот претседател Доналд Трамп, кој не успеа поради спорот за санкциите. Вашингтон инсистира Пјонгјанг да се откаже од нуклеарната програма. Северна Кореја бара американскиот државен секретар Мајк Помпео веќе да не учествува како главен преговарач и да биде заменет со, како што истакнаа, некој позрел.
Во 2003 година почнаа шестраните разговори кои покрај Русија, САД и Северна Кореја ги вклучуваат и Кина, Јапонија, Јужна Кореја. Целта е да се реши нуклеарниот спор и да се подобрат односите меѓу двете Кореи.
