„Пријавите од Антикорупциска се политичка одлука“
Прекршочните пријави на државната комисија за спречување на корупцијата против претседателот Ѓорге Иванов се политичка одлука, реагира кабинетот.

Од таму целосно ги отфрлаат тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, Иванов постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата.
„Разочарува фактот што, и покрај тоа што до државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа. Претседателот на Република Македонија ги донесе указите во согласност со уставот на Република Македонија и законите“, се вели во реакцијата.
Антикорупциска поднесе две прекршочни пријави против претседателот за указите од 25 февруари со кои тој го унапреди началникот на генераштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, во чин генерал-потполковник и изврши смена на три командни генералски места во АРМ.
