Самит за инвестицискиот проект „Појас и пат“
Светските лидери на самит во Пекинг посветен на инвестициски план на Кина познат како „Појас и пат“.

„Иницијативата мора да биде зелена и одржлива“, нагласи домаќинот на глобалната средба Си Џинпинг којшто се соочува со критика од повеќето земји од западот... ЕУ и САД го обвинува за превисоки трошоци за реализација на идејата и нетранспарентност....
Кинескиот претседател Си Џинпинг го отвори самитот „Појас и пат“ чијашто цел е да ја поврзе Азија со Европа и со Африка преку инвестициски мегапроекти во патниот, железничкиот и поморскиот сообраќај. Нагласи дека владата во Пекинг ќе преговара и ќе потпише договори за слободна трговија со повеќе земји. Меѓу главните теми на глобланиот настан се и соработката во трговијата, здравството, земјоделството, ревизијата и други области.
Си Џинпинг - Претседател на Кина
Во согласност со потребата да се отвориме кон светот, ние ќе ги подобриме своите закони и прописи, ќе го регулираме однесувањето на сите нивоа на владината администрација во однос на издавањето лиценци, надзорот на пазарот и други подрачја. Ќе ги укинеме неразумните субвенции и практики кои ја попречуваат чесната конкурентност и го нарушуваат пазарот.
Рускиот претседател Владимир Путин ја поддржува идејата бидејќи е во согласност со плановите на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) во која се вклучени и Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан. Приоритет на унијата е да се отстранат бариерите на слободното движење на производите, услугите, капиталот и работната сила. Путин одржа состанок и со српскиот претседател Александар Вучиќ. По честитањето на православниот Велгиден кој се празнува и во Србија и во Русија, лидерите ја потврдија и успешната билатерална соработка.
Владимир Путин - Претседател на Русија
Постојано ги одржуваме контактите на политичко ниво преку нашите министри за надврешни работи. Се развиваат односите и во почувствителните области како што е воено-техничката сфера, воената интеракција.
Александар Вучиќ - Претседател на Србија
Сакам да изразам благодарност за вашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија. Вие ја поддржувате нашата земја во сите светски организации, тоа е многу важно прашање за нас бидејќи, како што знаете, ние сме под притисок за Косово.
За Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, иницијативата нуди шанса за промена на последиците од климатските промени. Потсети дека пред две години Кина инвестирала над 125 милијарди долари во обновлива енергија, а лани одиграла клучна улога за договорот на климатската конференција во Полска.
Противниците на идејата на Кина, меѓу кои се и САД, тврдат дека проектот е „должничка замка“ за помалите и послабите држави. Челниците на Европската Унија сметаат дека плановите во рамките на „Појас и пат“ се спротивни на законот за работа и заштитата на животната средина. Брисел, Вашингтон и Токио предупредија дека ќе одговорат со сопствени инфраструктурни проекти.
