Ќе се отворат економски канцеларии во три земји
Наместо некогашните промотори, Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони ќе отвори претставништва, за почеток во три земји: САД, Германија и Турција, од каде што доаѓаат најмногу странски инвеститори.

Се уште се подготвува регулативата за нивното функционирање, се усогласуваат ставовите со МНР, но најверојатно вработените нема да имаат статус на дипломати. Ќе ги покриваат и соседните земји, а официјално ќе профункционираат во третиот квартал на оваа година.
Александар Младеновски-директор на Дирекција за технолошко индустриски развојни зони
,, Се сконцентриравме на овие три држави каде што имаме најголем успех. Истотака тие регионални канцеларии што ќе бидат отворени од Дирекцијата за ТИРЗ ќе ги следат тие пазари, но ќе се посветат и регионално, да можат да привлекуваат инвеститори од регионот. Очекуваме кон крајот на јуни да биде завршен легислативниот дел, како што и беше планирано. Некаде во септември-октомври да се отворат канцелариите. Кога ќе се донесе законот, преку МНР да се регистрираат претставништвата и во последниот квартал да се оди со реализација на проектот.“
На почеток во секое претставништво ќе биде вработено по едно лице локален персонал и по две испратени од Дирекцијата, што ќе бидат избрани на јавен конкурс. Има само уште неколку слободни локации во Зоните Скопје 1 и 2, вели Младеновски и затоа се подготвува теренот за изградба на зоната Скопје 3. Ќе располага со 9 градежни локации, но зависно од потребите на инвеститорите нивниот број може да достигне и 14. Во слободните економски зони функционираат вкупно 24 компании.
Александар Младеновски-директор на Дирекција за технолошко индустриски развојни зони
,, Зависно во која фаза се, има компании што проектираат.Некои се веќе на терен или пак се при крај на изградба се 18 компании, со денешен датум. Во наредните месец, два, кога ќе можеме да потпишуваме договори, уште две нови компании се подготвени за потпишување.“
Се работи на проектите и во зоните во: Прилеп, Струга, Штип, Струмица и Кичево, каде што се изведуваат градежни работи и се финализира инфраструктурата што им е потребна на инвеститорите, вели Младеновски. Дирекцијата за слободните зони најави дека на 3и 4 мај ќе биде домаќин на Самитот на европските слободни зони. Се очекуваат околу 350 официјални претставници од голем број членки на Светската организација на слободни зони. Во фокусот ќе бидат идните предизвици, недозволената трговија и нејзиното влијание врз работењето на зоните и заштитата на програмите што се реализираат во зоните.
Свето Николовски
