ИЗРАЕЛ

Одбележан денот за жртвите од Холокаустот

02.05.2019 14:01

Израелските власти предупредија дека евреите и натаму се соочуваат со опасност од антисемитизмот на Европа.

Покрај заканата од запад, постои и една од исток- порача премиерот Нетанјаху на денот на сеќавањето на жртвите од Холокаустот. Според еврејскиот календар, овој ден ја одбележува годишнината од бунтот на варшавското гето во 1943 година, кој се смета за најзначајниот отпор на евреите во Холокаустот.

Израелските власти го одбележаа Денот на жртвите на Холокаустот. Годинашната тема беше „Војната во војната- борбата на Евреите да го преживеат Холокаустот. Претседателот Ревен Ривлин предупреди на опасноста на европскиот антисемитизам, а премиерот Бенјамин Нетанјаху тврди дека Иран е закана за еврејската држава. Според традицијата, на церемонијата присуствуваа шестмина преживеани од Холокасустот кои запалија факели во чест на шесте милиони убиени Евреи.

Реувен Ривлин  - Претседател на Израел

80 години по Втората светска војна, мора да ја погледнеме реалноста в очи. Европа како и сите други делови од светот повторно се менуваат. Денешна Европа е  прогонувана од духовите од минатото. Идејата за супериорност, чиста нација, ксенофобија, директен антисемитизам и од лево и од десно демнат над Европа.

Бенјамин Нетанјаху -  Премиер на Израел

Покрај опасноста од антисемитизмот на Западот,  истото ни доаѓа и од Истокот каде што Иран постојано му се заканува на Израел. Во однос на Иран, нашата политика е јасна. На воениот фронт – агресивно попречување на сите обиди да се стационира во близина на нашите граници. Во политиката- притисок, притисок и само притисок. Во однос на заканите, Израел нема да си го издолжи вратот за да му го пресечат. Спротивно на она што се случуваше во Холокаустот, сега сме способни да се браниме себеси, со самите себеси.

Секоја година, на овој ден во Израел се затвораат сите места за забава и кафулињата. Медиумите пренесуваат програма посветена на оваа тема, во која често учествуваат лица кои го преживеале Холокаустот, пренесувајќи им го личното искуство на новите генерации. Во чест на жртвите, Израелците застануваат во место две минути додека низ целата земја се огласуваат сирени. Во парламентот се читаат имињата на жртвите.