РАКОМЕТ

Црвено-црната рапсодија ќе се слуша и во Германија

06.05.2019 11:14

Трета година по ред, македонскиот шампион ќе се бори за европската титула во Келн. Поразот кај Сегед со 29:25, беше двојно помал од победата во Скопје, 31:23.

По премиерниот триумф 2017-та и четвртата позиција минатата сезона, на Вардар му посакуваме најмалку финале.

Игор Карачиќ имаше 8 гола, Даинис Кристоипанс постигна 5 погодоци, Дибиров заврши со 4 гола, до кои еде беше ремек дело од мртов агол, што ги крена на нозе сите искрени љубители на ракометот ширум Стартиот континент.

Вардарци ја освоија третата позиција во групата А, зад Барселона и Веспрем, а пред Киелце, кои што се другите три екипи што ќе се борат за титулата на ЕХФ, во Келн.

Во елиминациите ги поминаа ППД Загреб и Пик Сегед, убедливо и шампионски, пред финалниот турнир на кој што се е можно.

Раул беше тренер дебитант на завршните турнири пред две години, сега Парондо е во истата улога. Сите четворица стратези на фајнал-форот, се Шпанци.

Кристопанс со 75 гола ја дели осмата позиција на листата на стрелците во Лигата на шампионите, заедно со Кире Лазаров, а од екипите што се пласираа на завршниот турнир пред него е само нашиот Алекс Дујшебаев од Киелце со 84 гола.

Швајцарецот Енди Шмид од Левен, е прв со 91 гол, што е резултат што би требало да биде престигнат од еден од двајцата бомбардери - или од Шпанецот, или од Летонецот.

Барселона два пати го победи Нант на нашиот капитен Лазаров, со 32:25 и 26:29. Киелце славеше сензационално против ПСЖ и Раул Гонзалес, со пораз од 9 гола – 35:26 во Париз, со победа во првиот меч од 34:24. Веспрем на нашиот Дејан Манасков славеше против Фленсбург со пораз на реваншот 25:29, но со победа на првата средба 28:22.

Финалниот турнир во Лигата на шампионите на ЕХФ, се игра на 1-ви и на 2-ри јуни, во Ланксес Арена во Келн, а полуфиналната ждрепка е утре.

Во овој состав, прв фаворит е Барселона, Вардар е единствениот со три завршни турнири по ред, а Веспрем е единствениот тим без титула.

Европа ќе добие нов европски шампион, затоа што францускиот претставник Монпеље, нема да го брани трофејот.