АХВ

Заштита од африканска свинска чума

13.05.2019 10:33

Одгледувачите на свињи треба да превземат безбедносни мерки за заштита од болеста африканска свинска чума. Заразата не се пренесува од животни на човек но сточарите трпат големи економски штети. Секој сомнеж за болеста фармерите задолжително треба да го пријават во ветеринарните друштва.

Сточарите кои одгледуваат свињи треба да превземат безбедносни мерки на фармите за да се спречи евентуална појава и ширење на болеста африканска свинска чума која е потврдена во Бугарија  и во други земји во Европа.

Болеста од која заболуваат домашните и дивите свињи,  не е опасна за човекот, но во сточарството предизвикува големи економски загуби. Таа се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Периодот на инкубација е од 4 до 19 дена. Смртноста кај домашните свињи може да достигне и до 100 проценти.

Во отсуство на каква било ефективна вакцина или лекување, најдобрата стратегија против Африканска свинска чума е ветеринарните служби да имаат план за рано откривање и спречување на епидемии.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации –ФАО, издаде прирачник за откривање и дијагноза на оваа добиточна болест кој ќе им помогне на ветеринарните техничари за брзо дијагностицирање и дејствување при епидемија.