САД и Русија сакаат обнова на односите
Соединетите Американски Држави и Русија решија да продолжат со комуникација за важните прашања на глобално ниво.... По средбата во Сочи, претседателот Путин и американскиот државен секретар Помпео потврдија дека постојат сфери на заеднички интерес...

И покрај многуте несогласувања со политиката на Вашингтон, рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност да се обноват односите со САД. На средбата со државниот секретар Мајк Помпео во Сочи, шефот на руската држава го поздрави и извештајот на специјалниот американски советник Роберт Мулер кој, според него, бил објективен и докажал дека немало соработка меѓу Трамп и Москва за време на претседателската кампања во САД. Покрај обвиненијата за мешање во претседателските избори, односите меѓу Вашингтон и Москва беа заладени и поради конфликтот во Украина, Венецуела, Сирија и Иран.
Владимир Путин - Претседател на Русија
Се надевам дека ситуацијата ќе се смени и дека ќе имаме заеднички интерес во областа на стратегиската стабилност, непроизведувањето на нуклеарно оружје, решавањето ан регионалните кризи, борбата против тероризмот, обидите да се решат еколошките проблеми, ограничувањето на сиромаштијата во светот и сите други закани на модерното време.
Мајк Помпео - Државен секретар на САД
Ние ќе ги штитиме нашите интереси, но постојат места акде што можеме да најдеме заеднички точки на интерес и да соработуваме за да бидат и двата народа успешни, како и целиот свет. Претседателот Трамп сака да направи се што може, па побара од мене да допатувам овде и да ви претставам неколку други идеи. Нашата соработка е одлична во Северна Кореја и борбата против тероризмот.
Помпео претходно разговараше и со рускиот министер за надворешни Лавров кој откри дека му дал меморандум за факти за американската интервенција во внатрешните работи на Русија. Двајцата дипломати разговараа и за можна средба меѓу Путин и Трамп.
