Британскиот принц Едвард во Скопје
13 години откако ја отвори британската амбасада во Скопје, принцот Едвард, гроф од Весекс допатува во официјална посета на нашата држава.

Од Амбасадата на Обединетото Кралство наведоа дека целта е да се истакнат цврстите врски меѓу двете земји, онаму каде Британија помага за развој на стабилноста, просперитетот и можностите за идните генерации.
„Голема чест и задоволство е повторно да бидам во оваа земјава. Не можам да верувам дека измина толку многу време откако бев овде“, изјави принц Едвард, гроф од Весекс.
Принцот Едвард имаше средба со Претседателот на државава. Пендаровски оценил дека посетата е потврда за силните врски меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, и очекува соработката во иднина да се продлабочува. Тој посочил дека за нас, членството во ЕУ и во НАТО е приоритет, но оти треба да се подобрат перспективите за младите и да се обезбеди здрава животна средина .
На средбата со премиерот Заев било оценето дека партнерството меѓу Велика Британија и Северна Македонија ќе продолжи во областите од заеднички интерес.
„Ние сме различни земји по големина и геоградија, но визиите ни се многу блиски. Ние сакаме во ЕУ, тие не сакаат вон ЕУ. Оваа посета е уште една потврда дека македонската приказна се шири“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи
Принцот Едвард разговараше и со млади луѓе кои работеа на проекти, поддржани од Британија, во делот на животната средина и урбанистичкото планирање, биодиверзитетот, образованието, инклузивниста, уметноста.
„Политиките во делот на заштитата на животната средина повеќе не смеат да се носат само на ниво на документи кои добро звучат, но завртуваат во фиока. Мораме да бидеме критичари и контролори за да живееме подобро“, изјави Жанета Трајковска, Институт за комуникациски студии
„Со сите проблеми, киселите дождови, загадувањето, глобалното затоплување се намалуваат можностите за живот на идните генерации“, изјави Теодора Илиоска, ученик
Во агендата на турнејата на принцот Едвард се најдоа и Словенија и Хрватска.
