Секој жител годишно создава по 412 килограми отпад
Секој жител на земјава годишно создава повеќе од 400 килограми отпад. Од Град Скопје тврдат дека во изминатава година и пол се исчистени 300 депонии. Еко-активистите бараат подигнување на свеста на граѓаните, но и поголема ажурност од надлежните.

Смет по улица, пoлни контејнери, диви депонии – честа слика во земјава. Заводот за статистика пресмета дека лани, секој од нас зад себе оставил по 412 килограми отпад. Создаваме повеќе комунален отпад отколку што се собира.
Во Скопје има многу критични точки, една од нив – реонот околу Железничката станица. Активистите од иницијативата „Не биди ѓубре“ се фатија за метла.
„Сметам дека овие акции имаат голем импакт и врз другите луѓе, кои можеби немаат време да ни се приклучат да го собираат сметот, но престануваат да го фрлаат на улица“, изјави Стефан, член на иницијативата „Не биди ѓубре“
„Кога можеше градот да биде чист за време на посетата на папата, тоа значи дека можеме“, изјави Борче Дуноски, учесник во еко-акцијата
„Имаше локации како на пример автопатот Скопје – Тетово, таму ние чистевме, а вреќите не беа собрани 9 дена“, изјави Филип Антов, студент и член на иницијативата „Не биди ѓубре“
„Многу ми е драго кога ќе гледам младите како чистат, тоа значи дека има иднина“, изјави Петре Арсовски, учесник во еко-акцијата
За кратко време, сметот собран, контејнерите полни, во очекување на комуналните работници да го транспортираат на депонија.
„Активистите од иницијативата „Не биди ѓубре“ продолжуваат неуморно да работат, да го собираат сметот зад несовесните граѓани, но и да укажуваат на инертноста и на тромоста на институциите на централно и на локално ниво, како и на јавните претпријатија кои се платени од граѓаните да им обезбедат здрава и чиста животна средина“.
Мартин Пушевски
Иницијативата „Не биди ѓубре“почна со еко-акции од лани, кои веќе се спроведуваат и во другите градови.
„На почетокот мислеа дека сме блесави, но ова сега прерасна во масовно движење“, изјави Весна Лазоровска, член на иницијативата „Не биди ѓубре“
Неформален водач на иницијативата е актерката Ирена Ристиќ. Ја нарекуваат првата метла. Не се откажува од намерата да ја разбуди свеста кај граѓаните и да ги размрда институциите.
„ Сè додека овој систем не профункционира како што треба“, изјави Ирена Ристиќ, иницијатива „Не биди ѓубре“
Во Скопје, „Комунална хигиена“ има околу 1.400 работници и 50-ина оперативни возила за собирање и транспортирање смет. Потребна им е дополнителна механизација, а честопати имаат проблем и со споредните улички кои се под надлежност на општините.
„Хигиената во Скопје секојдневно се подобрува и е на задоволително ниво. Нашите екипи на терен работат во три смени, на главните улици кадешто сме надлежни. Годинава, во рамки на нашите можности предвидуваме набавка на нови возила, кои ни се најпотребни“, изјави Абдусамед Шабани, директор на ЈП „Комунална хигиена“
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека направиле анализа за инфраструктурните недостатоци за одржување на урбаната хигиена, за потребите од нови контејнери, корпи за отпадоци, возила за собирање на сметот.
„Во текот на годинава се исчистени над 300 депонии. Тоа е обврска на општините, но кога им биле дадени обврските, не им биле дадени потребната инфраструктура и машинерија. Затоа им помагаме. Сите сме дел од Градот и хигиената зависи од сечие индивидуално поведение“, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Скопје
Но, еко – активистите бараат поголема ажурност од надлежните.
„Не ме интересираат вашите оправдувања, вие сте на функција и вие треба да најдете решение затоа што за тоа сте поставени на функција“, изјави Ирена Ристиќ, иницијатива „Не биди ѓубре“
Со овој прилог, Јавниот сервис се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
