Заев на ,,Виенски економски форум“
Еврокомесарот Јоханес Хан очекува Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, а првите поглавја да бидат отворени до крајот на годинава.

Во обраќањето на Виенскиот економски форум, на дебатата за „Новите перспективи за Република Северна Македонија“ Хан нагласи дека Северна Македонија е позитивен пример како можат да се решаваат проблемите и е охрабрување за надминување на другите регионални спорови. Хан потсети дека без решавање на билатералните проблеми нема членство во ЕУ.
Јоханес Хан- Еврокомесар за проширување и добрососедска политика
,, Политичката ситуација во Скопје, во Северна Македонија е постабилна отколку во другите делови од регионот. Би сакал да го кажам истото и за соседните земји. Уверен сум дека до крајот на годината ќе можеме да ги отвориме првите поглавја и според новата методологија, ќе ги почнеме поглавјата 23 и 24. Тоа звучи малку технички, но се работи за владеењето на правото и се што е поврзано со тоа. “
Во обраќањето на Форумот премиерот Зоран Заев нагласи дека Австрија е наш силен сојузник во евроатлантската интеграција. Потврда за изградените економски релации се инвестираните 392 милиона евра од австриски компании во изминатите 10 години, што претставува 13,2% од вкупните странски инвестиции во земјава. Договорот од Преспа резултираше со продлабочување на соработката со Грција ,рече Заев, нагласувајќи дека продолжувањето на реформите, особено во судството, безбедносниот систем и јавната администрација остануваат врвен приоритет за Владата.
Зоран Заев-претседател на Владата на Република Северна Македонија
,,Навистина заслужуваме позитивна одлука од ЕУ по сите оние позитивни примери што се случија во нашата земја. Покажавме европски манири и однесување. И покажавме на Европа дека ние сме земја која заслужува да биде земја кандидат и да ги почне преговорите со ЕУ. По договорот од Преспа на 17 јуни лани, по одлуката на Европскиот совет лани, и по поканата од НАТО има рекордни нивоа во економските параметри во нашата земја.“
2019-та ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година ,рече Заев на Форумот , затоа што индустриското проиводство бележи раст од 8,8%, невработеноста е под 20%,а извозот во првите три месеци е зголемен за 16,8%.
Во рамките на Форум вицепремиерот Анѓушев и министрите за финансии и за образование и наука, Драган Тевдовски и Арбер Адеми, го презентираа потенцијалот за инвестирање во земјата и тоа во областа на: инфраструктурата, енергетиката, финанскиот сектор, како и можностите за инвестирање во човечкиот капитал.
Свето Николовски
