Светска банка бара реформи
Светска банка бара реформи за одржливост на пензискиот систем.

Финансиската институција од Вашингтон предупредува дека стареењето на населението создава фискален притисок, а и сега голем дел од БДП се троши на пензии.
„Во следните две декади, забрзаното стареење на населението на Северна Македонија ќе изврши дополнителен притисок врз одржливоста на пензискиот систем. Без реформи, тоа ќе генерира значителен дефицит. Владата во последната декада спроведе неколку успешни пензиски реформи, но е потребна дополнителна работа“, се наведува во прегледот на јавните финансии на Институцијата.
Банкарите признаваат дека во земјава се случуваат суштински промени со фокус на економските реформи за да се постигнат долгорочните приоритети. Сепак, во Извештајот е наведено дека се потребни системски реформи кои од една страна ќе овозможат повисок раст и ќе го подобрат квалитетот на јавните служби, а од друга страна, ќе обезбедат фискална стабилност и одржлив долг. Според Светска банка, стратегијата на ниски даноци и други поволности за привлекување странски инвестиции дала резултат, но тоа било направено со значителни фискални трошоци.
„Потребна е силна фискална консолидација преку поефикасно оданочување и трошење за да се стабилизира долгот и да се создаде простор за фискалната политика, како главна антициклична алатка за стабилизација. Владините приходи на Северна Македонија се опаднати, делумно поради пониските даночни стапки кај поголемите категории, но и поради дарежливите изземања од даночни обврски и неефикасната даночна администрација“, стои во Извештајот.
Банкарите советуваат дека има простор за зголемување на ефикасноста на јавните трошоци, а долгот иако е на умерено ниво, сепак темпото на задолжувања од изминатава декада ја доведува во прашање неговата одржливост. Банкарите наведуваат дека долговите на општините претставуваат проблем како резултат на недостигот од дисциплина, и бараат реформи за поквалитетно образование и подобар здравствениот систем.
