АВСТРИЈА

Оставка на министрите од Слободарската партија

21.05.2019 14:02

Министрите од австриската ултрадесничарска Слободарска партија поднесуваат оставки по разрешувањето на првиот човек на австриското МВР Херберт Кикл.

Владејачката коалиција со конзервативците од народната партија, предводена од Курц, беше формирана во декември 2017 година. Брисел со осуда за политичарите на снимката. Русија негира каква било вмешаност.
 

Бран оставки од Слободарската партија на Австрија по разрешувањето на министерот за внатрешни работи Херберт Кикл. Хаосот во владата во Виена почна со објавувањето на контроверзната снимка на која вицеканцеларот Хајнц Кристијан Штрахе преговара за склучување на државни договори во замена за финансиска помош со жена која наводно била поврзана со руски олигарх. И покрај заладените односи, двете страни се согласни дека мора да се одржува стабилноста на државниот систем. Поради скандалот, претседателот Ван Дер Белен ја распушти Владата и закажа предвремени парламентарни избори во септември.

Норберт Хофер - Лидер на Слободарска партија

Најавивме оставка на сите министри, за жал. Сакавме да продолжиме да работиме. Министерствата се на располагање, се разбира дека ќе се предаваат местата. Ќе видиме колку брзо ќе дојдат новите. Системот на државата мора да остане стабилен.

Себастијан Курц - Канцелар на Австрија

Слободарската партија најави дека заминува од Владата ако министерот за внатрешни работи добие отказ. Јас и претседателот сме согласни дека ни е потребно стабилизирање на состојбата до изборите, а испразнетите места во министерствата ќе бидат пополнети со експерти и државни службеници. Со ова, имаме можност да одговориме на предизвикот за да имаме стабилност во предизборниот период и да дејствуваме во владата.

И Брисел во неизвесност поради најновите случувања во Виена. За неколку дена се гласа за новиот состав на Европскиот парламент во кој се очекува зголемување на бројот на ултрадесничарите и другите евроскептични пратеници. Пред скандалозната снимка, за Слободарската партија се предвидуваше застапеност од 20% во Европарламентот.