ПЕНТАГОН

Шенахан: Времено стопирана опасноста од Иран

22.05.2019 14:33

Американските власти во обид да го обединат поделениот конгрес за ситауцијата во Иран.

Пентагон го правда зголеменото воено присуство во Персискиот залив како одговор на нови закани од Техеран. Обединетите нации предупредуваат - ризикот од користење на нуклеарно оружје е на највисоко ниво од Втората светска војна.

Пентагон тврди дека со зголеменото воено присуство во Персискиот Залив, Соединетите Американски Држави добиле можност времено да ги запрат сите опасности од евентуални напади од Иран. Привремениот министер за одбрана Патрик Шенахан одржа средба зад затворена врата со американските законодавци за влошените односи меѓу Вашингтон и Техеран. Ја потврди веродостојноста на информациите од администрацијата на претседателот Доналд Трамп за нова закана од Иран, правдајќи ја одлуката за распоредување на носачот на авиони, бомбардерот Б-52 и ракетниот систем „Патриот“ во регионот. Во последните денови се случија неколку напади врз нафтени танкери и платформи на Саудиска Арабија. За дел од нив, презедоа одговорност јеменските Хути поддржани од Иран.

Патрик Шенахан - Шеф на Пентагон

„Не значи дека заканите кои ги детектиравме претходно исчезнале целосно. Нашиот промислен одговор им даде време на Иранците повторно да размислат. Нашиот одговор беше акт на волја и решителност за заштита на нашиот народ и интересите во регионот.“

Сенаторите апелираа да се избегне воено сценарио бидејќи конфликт со Иран би имал катаклизмични последици.

Линдзи Греам - Сенатор

Поделени сме за тоа, дали да бидеме или не, во Нуклеарниот договор, но Европа многу јасно го гледа каналот на закана. Го гледаат негативно однесувањето на Иран во Ирак и во Сирија, така што заклучокот е дека Пактот не го спречи Иран да го растури Блискиот исток. Всушност, парите кои ги добиваше од Договорот ги користеше за тоа.

Берни Сандерс - Сенатор

Војна со Иран би била катастрофа, полоша од онаа со Ирак. Се надевам дека американскиот народ му даде на знаење на Вашингтон дека не го сака тоа.

Договорот од 2015 година беше постигнат за да запре иранската нуклеарна програма во замена за укинување на американските санкции. Вашингтон се повлече лани од Пактот, а неодамна и Техеран се откажа од извршување на клучните обврски. Според Институтот за истражување во разоружувањето при Обединетите нации, ризикот од користење на нуклеарно оружје е на највисоко ниво од Втората светска војна, Меѓу главните проблеми се модернизацијата на арсеналот, и промената на традиционалните договори за контрола. Од Организацијата велат дека нема напредок во преговорите за денуклеаризација иако 122 држави потпишале договори за целосна забрана на нуклеарното вооружување.